Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во вториот и третиот квартал од тековната година повторно е забележан значителен и континуиран пораст на цените на станбениот простор, споредбено со истиот период од минатата година, и во моментов не се очекува стабилизација на цените на недвижностите, бидејќи цената на станбениот простор зависи од растот на цените на градежните материјали, недостигот од работна рака, зголемената побарувачка на станови, но и намалената понуда, како и од повеќе економски фактори во земјава

Не се очекува стабилизација на цените на недвижностите

Трендот на пораст на цените на становите продолжува. Како резултат на зголемената побарувачка на станови во корелација со намалената понуда, растот на цените на градежните материјали и недостигот од работна рака, овој тренд се очекува да продолжи до крајот на годината.
Според градежниците, трендот на зголемување на цените на становите почна минатата година, кога беше намалено издавањето дозволи за градење, најмногу во центарот на Скопје. Дополнително, намалените градежни активности придонесоа квалитетниот градежен кадар да ги напушта работните места, а градежниците мораа да ги зголемат платите за да ги задржат другите. Најголемо влијание има и глобалниот раст на цените на градежните материјали. Цените на градежните материјали за една и пол година се зголемија за 80 отсто. Во меѓувреме, порасна и побарувачката на станови наспроти намалената изградба, што влијае на растот на цените на становите.
Градежникот Никола Велковски вели дека репроматеријалите од метал учествуваат од 20 до 30 отсто во градежните материјали при изградба и дека тоа има влијание во конечната цена за услугата, што тие како градежни компании ја нудат, па поради тоа расте и цената на недвижностите.

– Речиси сите материјали што се користат при градба се поскапени, како на пример железото е 200 отсто поскапено, стиропорот околу 20 отсто, дрвото околу 70 отсто, тулите за околу 30 отсто, дополнително е поскапена и цената на трудот, па сето тоа донесе поскапи градежни услуги. Зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири за снабдување предизвикаа раст на цените на градежните производи, што ги зголеми и цените на становите – објаснува Велковски.
Тој додава дека недостигот од квалификувана работна сила многу влијае врз цената на крајниот продукт.
– На терен се чувствува недостиг од градежни квалификувани кадри, нема поврат на ваквите кадри од развиените земји, напротив и понатаму се бараат, а тоа се одразува врз финалните цени. Нивните плати растат последниве години, а тоа мора да се вкалкулира во цената на становите – објаснува Велковски.
Според Игор Панчевски, генерален менаџер на агенцијата за недвижности „Левел 7“, во вториот и третиот квартал од тековната година повторно е забележан значителен и континуиран пораст на цените на станбениот простор, споредбено со истиот период од минатата година.
– Според нашите анализи, зголемувањето на цените од пред пандемијата се движи околу 7 отсто и понатаму очекуваме благ пораст и минимални осцилации на цените до крајот на тековната година. Конкретно, во моментов тешко е да се предвиди дали ќе има стабилизација на цените на недвижностите, бидејќи цената на станбениот простор зависи од повеќе фактори, пред сѐ, соодносот на понудата и побарувачката, цените на градежните материјали, како и од повеќе економски фактори во земјата – потенцира Панчевски.

Според нивните статистики, просечните цени по општини во Скопје се движат по околу 1.300 евра квадратен метар во Центар, 1.250 евра во Карпош, 1.200 евра во Аеродром, 1.150 евра во Кисела Вода, 950 евра Ѓорче Петров, 750 евра во Чаир за квадратен метар.
– Според нас, најголемите причини за зголемувањето на цените е соодносот на понудата и побарувачката на станови, како и енормното зголемување на цените на градежните материјали. Побарувачката на станови е во пораст споредбено со претходните период, но поголем проблем е понудата на вселиви станови, која во моментов е дефицитарна и не може да ги задоволи потребите на пазарот – смета Панчевски.
Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, велат дека производството на градежни материјали од челик до дрвена граѓа беше сериозно погодено од почетокот на пандемијата. А зголемувањето на цените е особено изразено и сѐ уште не се гледа крај на поскапувањата.

– Иако производителите во нашата држава преземаат мерки што се во нивна моќ да ги амортизираат поскапувањата, неизбежно е зголемувањето на цените на одредени градежни производи. Поскапувањата на производите покрај тоа што се одразуваат и врз цените на становите, директно влијаат и врз исплатливоста на реализацијата на проектите што се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба, особено во доменот на јавните набавки – посочуваат од Здружението при СКМ.
Оттаму додаваат дека цените на градежните производи и на работната рака, според компаниите, упатуваат дека во моментот е најскапо да се гради анализирано во последните дваесетина години.