Фото: Маја Јаневска-Илиева

Генералните прогнози се оптимистички. Во тој контекст се и размислувањата за „движењето кон колективен имунитет и намалување на рестрикциите“. Сепак, на истиот став не се американските експерти. Тие велат дека многу тешко, односно речиси е невозможно постигнување колективен имунитет

Високиот оптимизам најавува крај на пандемијата

Можен ли е колективен имунитет до крајот на летото како што прогнозираат здравствените власти, или, пак, најважно за Македонија е во септември да се избегне нов сериозен бран на ширење на вирусот? Ова е една од клучните дилеми во јавноста и меѓу експертите откако почна масовната вакцинација. За надлежните ова темпо на вакцинација може да значи и постигнување на процентот за колективен имунитет за скоро време, а за експертите, пак, многу поважно е да се одвива редовната вакцинација и да се зголеми интересот на населението за вакцинација за да се спречи наесен нов сериозен бран.
Сепак, генералните прогнози се оптимистички и во тој контекст се и размислувањата за намалување на рестрикциите.
Но на истиот став не стојат американските експерти. Тие велат дека многу тешко, односно речиси е невозможно воопшто да се постигне колективен имунитет. Според нив, колективниот имунитет зависи од неколку фактори, а имено, клучни меѓу тие фактори се тоа што децата под 16 години не се вакцинираат, потоа мутациите на вирусот, антиваксерите, како и патувањата на луѓето од една во друга земја.

Вакцинацијата чекор кон живот во нормала

Венко Филипче, министерот за здравство, пред два дена посочи дека според процената на здравствените експерти, некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет, имајќи ги предвид сите количества вакцини што треба да пристигнат во нашата земја.
– Сега е временски период во кој ние треба да постигнеме процент на вакцинација што ќе биде доволен за да се стекне таканаречениот колективен имунитет. А тоа е некаде околу шеесетина проценти. Сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина – вели министерот.
Според него, сите мерки што сега ги препорачуваме важат за сите граѓани сѐ уште.
– Понатаму за во иднина сѐ уште е рано да се каже, затоа што не можеме да процениме колкав ќе биде одзивот на граѓаните за вакцинација. Морам да кажам дека и покрај тоа што 20 проценти не се јавуваат, голем е бројот на граѓани што се јавуваат, покажуваат интерес – додава тој.
Микробиологот Никола Пановски смета дека ако продолжи интересот за вакцинација и ако има редовно снабдување на вакцини во земјава, како и ако се вакцинираат 15 илјади граѓани на дневно ниво, тогаш можеме да очекуваме намалување на бројот на заболени, како и на починати лица.
– Не би се создал тој колективен имунитет, сепак би постоела болеста, но би се рефлектирала во полесна форма кај заразените, зашто некој од вакцинираните ќе заболи, но и некој од прележаните. Условот и за ова е да има масовна вакцинација – посочува Пановски.

Според него, целта сега е да се спречи повторување на есенскиот бран од ноември минатата година, да биде во поблага форма и да не ги оптовари болниците.
– Проблемот кај нас ќе биде исто како во Србија, нема да се вакцинира целото население. Потребно е да се вакцинираат 500 илјади од населението во земјата со двете дози, за да некаде во октомври кажеме дека 70 отсто од возрасното население над 35 години е вакцинирано. Но тоа секако нема да значи целосно запирање на пандемијата. Не можеме да го постигнеме ние тоа што се направи во Израел – додава микробиологот.

Можеби никогаш нема да се постигне колективен имунитет

Здравствените експерти во САД сметаат дека е многу тешко, односно речиси е невозможно воопшто да се постигне колективен имунитет.
Според нив, колективниот имунитет зависи од неколку фактори, тоа што децата под 16 години не се вакцинираат, мутациите на вирусот, антиваксерите и патувањата на луѓето од една во друга земја. Дополнително, светските експерти истакнуваат дека сѐ уште не се знае колку трае имунитетот стекнат од вакцината, дали девет месеци или една година, а тоа е голем проблем
Д-р Ентони Фаучи, раководител на Националниот институт за алергија и заразни болести, смета дека имунитетот на стадото може да се постигне ако 70-85 отсто од луѓето се имуни.
Интернистот д-р Хорхе Родригез проценува дека тој број е околу 85-90 отсто.
– Ако вакцинираме 70 отсто од целата популација на САД, вклучувајќи ги и деца, а потоа уште 15-20 отсто веќе се заразиле, мислам дека сме приближно да постигнеме нормална состојба со вирусот – вели тој.
Но, според него, има голем услов: никој помлад од 16 години не може да прими вакцина против коронавирус во САД во моментов.

Д-р Кристофер Мареј, директор на Институтот за здравствена метрика и процена на Универзитетот во Вашингтон, вели дека имунитетот на стадото е точката каде што има доволно луѓе што биле заразени или вакцинирани, но процените варираат за тоа колку од населението треба да има имунитет за да ја постигне таа цел.
– Ако мислите дека имунитетот на стадото е целта на оваа пандемија, време е за проверка на реалноста. Имунитетот на стадото со ковид-19 може да дојде и да си замине. Или можеби никогаш нема да го достигнеме воопшто. Има многу работи што треба да одат на нашиот пат за да стигнеме до имунитетот на стадото – вели Мареј.
Според него, она што ќе се случи е тоа што налето поради големите температури ќе има помалку трансмисии.
– И тогаш ќе речеме, одлично нема повеќе вирус, завршивме. Но зимно време одеднаш ќе имаме голем број заболени. И тоа е тешкиот дел, не да знаеме кога ќе достигнеме имунитет на стадо, туку да внимаваме кога ќе излеземе од имунитетот на стадото – вели Мареј.


Конечно следува период на олабавување на мерките

Комисијата за заразни болести ги донесе новите мерки врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во државата. Да се скрати рестрикцијата на движење, односно полицискиот час да трае од полноќ до 5 часот наутро. Угостителските објекти да работат до 23.30 часот, да се укине забраната за работа на фитнес-центрите и вежбалниците. Организирање настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, односно присуство на 30 отсто од целосниот капацитет. Капацитетот на градинките се зголемува на плус пет дечиња, односно од 15 на 20 деца во група. Здравствените работници ќе може да ги искористат старите и новите годишни одмори.
Последниот извештај на МЗ покажува дека во Македонија досега се аплицирани 130.878 дози вакцини, а ревакцинирани се 22.900 граѓани. Со последните бројки околу 30 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.


Слободен влез во Македонија, Србија и во Косово

Со олабавувањето на мерките, во повеќето земји се менуваат и одредени правила, како и тие за влез или за излез од државата. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека на оние што планираат да влезат во Македонија во моментов не им се бара ништо, ниту ПЦР-тест, ниту потврда дека некој е вакциниран или, пак, дека прележал ковид. Од Министерството за здравство за листата на земји каде што е потребен ПЦР-тест, како и кои се условите што земјите ги налагаат за патување ни го посочија линкот https://www.mfa.gov.mk/mk/page/1706/covid-19, објавен на страницата на Министерството за надворешни работи.
Од туристичките агенции велат дека во моментов сѐ уште влезот во соседна Грција за нас е затворен и по 14 мај очекуваат официјална информација дали кај нашиот јужен сосед ќе може да се влезе со ПЦР-тест, со потврда за примена вакцина или потврда од матичен лекар не постара од шест месеци за прележан ковид. За влез во Србија, во Косово, па и во Црна Гора влезот е отворен и не се бара прикажување на ПЦР-тест или каква било потврда. Оние што сакаат да патуваат за соседна Бугарија ќе мора да прикажат ПЦР-тест или потврда дека го прележале коронавирусот. И правилата во соседна Албанија се менуваат, па сега и за влез во оваа земја се бара ПЦР-тест. Тие, пак, што планираат малку подалеку да отпатуваат до Хрватска, им треба ПЦР-тест или потврда дека лицето е вакцинирано или има прележано ковид. С.К.

[email protected]