Фото: Маја Јаневска-Илиева

Армиите на Германија и на Полска најавија дека се приклучуваат во операциите на цивилните власти за забрзување на вакцинацијата на населението. Македонската армија има воено-медицински персонал што досега учествувал во мноштво мисии во светот, за што има добиено и голем број награди и признанија

Може ли македонската армија со потенцијалот со кој располага да помогне во забрзувањето на процесот на имунизација на населението во земјата? Овие дилеми се актуелни во домашната јавност во период кога е активен процесот за вакцинирање на граѓаните, но и во време кога армиите на Германија и на Полска најавуваат дека се приклучуваат во операциите на цивилните власти за забрзување на вакцинацијата.
Во своја анализа на темава, „Дојче веле“ информира дека војниците од Бундесверот веќе им помагаат на здравствените служби во следење на синџирите на инфекции во корона-кризата, а од неодамна војниците помагаат и во претстојната акција на масовно вакцинирање.
– Ќе помогнеме во имунизацијата на луѓето во Германија, со инфраструктура, складирање на вакцината, но и во самиот процес на вакцинирање – најави германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер.
Слични се состојбите и во Полска каде што, според Еуобзервер, полските воени сили во содејство со Министерството за здравство започнуваат да го вакцинираат населението од земјата.
Во меѓувреме, од македонска перспектива, интересно е да се напомене дека и нашата армија има свој воено-медицински персонал, кој доколку се јави потреба може да помогне во имунизацијата.

Од Министерството за одбрана и Генералштабот на армијата, во одговор за „Нова Македонија“ на прашањето дали и на кој начин нашата војска може да помогне во забрзувањето на процесот на имунизација, велат дека aнгажманот на нашиот воено-медицински персонал за потребите на јавното здравство се одвива врз основа на побарувања на Министерството за здравство во согласност со потребите и приоритетите.
– Припадниците на Баталјонот за воено-медицинска поддршка во исто време се ангажирани како поддршка на јавното здравство, како и на медицинска поддршка на сите активности на армијата и медицински услуги за армиските припадници. Доколку од страна на Министерството за здравство пристигне барање за вклучување на армиските медицински лица во вакцинацијата во согласност со Националниот план за вакцинација, тоа би се извело во непосредна координација помеѓу двете министерства – се вели во одговорот до весникот.
Во контекст на актуелните случувања, медицинските и безбедносните експерти со кои се консултиравме велат дека македонските војници, од кои голем дел се и медицински лица, имаат многу признанија и медали добиени од меѓународните мировни мисии во кои земјата беше составен дел. Според нив, дел од мисиите имаа и медицински карактер, а сето тоа заедно со војничкиот менталитет и дисциплина може да биде во прилог на државата во ова време кога се спроведува масовната имунизација.
Микробиологот Никола Пановски вели дека докторите што се офицери многу можат да помогнат во сузбивањето генерално на опасностите од пандемијата, а уште повеќе во процесот на вакцинирањето.

– Нашата војска во своите редови има доктори, медицински болничари што ја поседуваат неопходната техника за инјектирање на вакцините. Па од тука доколку државата се реши да ги ангажира овие лица, тие на големо можат да го забрзаат процесот – вели Пановски.
Според миркобиологот, војската има и своја дисциплина и начин на кој функционира и тој смета дека би им била добар сојузник на здравствените власти и во процесот на имунизацијата.
Тој додава дека во широките кругови на лица од цивилното население што би можеле да се вклучат во забрзувањето на темпото на имунизацијата би можеле да влезат и студентите од медицина и медицинарите со средна стручна спрема.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски потсетува дека нашите војници во меѓународните мисии имаа свои медицински преставници, кои како доктори дејствуваа во мисиите во Босна и на Блискиот Исток.
– Знаејќи го фактот дека нашите мировници честопати беа наградувани од сојузниците за своите заложби во мисиите, силно ја поддржувам можноста истите тие да им помогнат на медицинарите во забрзувањето на вакцинирањето. Ако некој е наградуван дека како доктор во армиска униформа на места разурнати од војни добро си ја сработел задачата, истиот тој може да биде само поекспедитивен во дејствувањето на домашен терен – заклучува Стефаноски.