Тешко е да се поверува оти во скоро време ќе бидеме сведоци на политичка клима во која домашните и регионалните политичари ќе дејствуваат одговорно и професионално, без притоа да имаат менторство од моќните стратегиски сојузници, прогнозираат експертите по најавата за политичкото пензионирање на германската канцеларка Ангела Меркел, која важеше за еден од главните ментори на голем број политичари од регионот

Кој ќе ги менторира балканските политичари и дали регионалните државници ќе научат политички и одговорно да функционираат без патронство на глобални лидери? На вакви дилеми насочуваат последните пишувања на светските медиуми.
Српскиот сервис на Би-би-си, во своја анализа на слична тема поврзана со најавеното повлекување на германската канцеларка Ангела Меркел од политиката, пишува дека од политичката сцена во светот „заминува мајката на балканските политичари“. Медиумот во својот осврт на случувањата потсетува на тоа како германската канцеларка Меркел за време на својот долгогодишен стаж содејствувала со највисоките српски државници и на кој начин таа ги градела релациите со белградската политичка елита. Во изјава за Би-би-си, некогашниот српски претседател Борис Тадиќ вели дека Меркел во својата работа со колегите од Балканот негувала релации што биле базирани врз формални контакти, преку голема дисциплина во работата и личен однос. Тој ја профилира Меркел и вели дека таа е искусна политичарка, која дејствува строго „по книга и дефиниција“ кога се во прашање дипломатските релации со државите, и додава дека таа секогаш била директна и отворена во комуникацијата. Тадиќ додава и дека, освен со српските политичари, Меркел негувала тесни врски и со своите колеги во Хрватска и преку тој однос владата во Берлин била силен поддржувач на властите во Загреб за влез во Европската Унија.
– Унгарскиот лидер Виктор Орбан беше нејзин миленик, а истото тоа може да се каже и за хрватскиот премиер Иво Санадер – објаснува Тадиќ.
Во анализата се истакнува и дека актуелниот претседател на земјата Александар Вучиќ тврди дека е близок пријател со Меркел.

Медиумот дополнително во својот текст се повикува на изјава на новинарот Ненад Радичевиќ, кој долги години известува од Германија за тамошните медиуми и кој истакнува дека не верува дека по заминувањето на Меркел односот на Германија кон Балканот ќе се промени.

Слични констатации како Би-би-си има и бугарскиот печат. Софиските медиуми истакнуваат дека блискоста на релациите на бугарскиот премиер Бојко Борисов со Меркел можела најмногу да се забележи за време на неодамнешното бугарско претседавање со Унијата.

– Премиерот Бојко Борисов и министерката за бугарското претседателство со ЕУ, Лилјана Павлова, ги пречекаа, еден по еден, високите државници на европските држави и на Европската Унија. Британската премиерка Тереза Меј пристигна како прва од лидерите на големите држави, но фотографиите од приемите покажуваа колку се блиски Борисов и Меркел – пишува бугарскиот портал „Блиц“.
Во изјава за американскиот магазин „Политико“, пак, грчкиот експерт за ЕУ, Јанис Емануилидис, вели дека Ангела Меркел е почитувана од колегите, почнувајќи со фактот што со својот најдолг стаж има и најголемо искуство во Европа.
Тој политичкото дејствување на Меркел го идентификува со дејствувањето на мајката во семејството.

– Иако по 13 години поминати на функцијата, таа сега е некој чие отсуство тешко можно да се замисли, сигурно ќе следува јасна директива кој ќе биде нејзин наследник. На крајот, ќе дојде ден потоа и ќе следува и време по Меркел – изјавува Емануилидис.
Од македонска перспектива, пак, битно е да се напомене дека канцеларката Ангела Меркел важи за поддржувач на политиката на премиерот Зоран Заев.
Оваа поддршка кон премиерот Заев од страна на Меркел најмногу можеше да се забележи за време на нејзината последна и единствена посета на земјата, во која таа од говорница јасно ги поддржа политиките на актуелниот владејачки естаблишмент на Македонија.

Политикологот Милан Стефаноски, коментирајќи ги актуелните случувања, заклучува дека е тешко да се поверува оти во скоро време ќе бидеме сведоци на политичка клима во која домашните и регионалните политичари ќе дејствуваат одговорно и професионално, без притоа да имаат менторство од моќните стратегиски сојузници.
Политикологот ова свое тврдење го оправдува со констатацијата дека регионот, за жал, сѐ уште не го достигнал нивото на политичка самосвест што го имаат државите од Западна Европа.

– Но не е сѐ толку црно, јас лично се надевам дека сосема е логично да се поверува оти во некое скоро време балканските политичари, ако ништо друго, би личеле на оние од државите од Источна Европа што се дел од НАТО и ЕУ. Овие држави иако имаат слична политичка заднина како државите во регионот, тие, сепак, многу побрзо започнаа да се движат по вистински пат за разлика од овој дел од Европа – вели Стефаноски.