Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според безбедносните аналитичари, реформите во безбедноста, кои ги спроведува нашата држава, можеби се едни од најкомплицираните досега, а доколку тие целосно се имплементираат, онака како што се замислени, тогаш можеме да бидеме сведоци на еден безбедносен систем што ќе дејствува по правилата на НАТО и кој ќе биде заштитнички настроен кон граѓаните на земјата, но истовремено ќе биде предуслов и за поголема политичка и економска стабилност на државата

Со почетокот на месецов, во државата беа регистрирани два значајни безбедносни настани, едниот поврзан со првата конститутивна седница на Советот за безбедност на Македонија со која заседава претседателот на земјата и врховен командант Стево Пендаровски и вториот со почетокот на работата на новата Агенција за национална безбедност (АНБ), која ја замени УБК.
Со тоа на некој начин се склопуваат коцките, односно се поставува безбедносниот мозаик од кој се очекува да обезбеди и да гарантира и поголема политичка и економска сигурност во државата, како предуслов за подобра иднина.
Во минатото имаше многу примери каде што високи државни функционери често предупредуваа на некоординираност и ранливоста на безбедносниот сектор, карактеризирајќи го како слаба алка во државата.
Токму поранешниот шеф на државата, Ѓорге Иванов, во своето последно излагање во парламентот како главен генератор на безбедносните и политички кризи ја посочи УБК.

Сите овие укажувања и констатации, секако, беа повод да се пристапи кон реформи на безбедносниот сектор од кој сега се очекува да биде поткрепа и гарантор за поголема политичка и економска стабилност во државата.
Во меѓувреме, актуелниот шеф на државата, по конститутивната седница на Советот за безбедност, изјави дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и, ниту во нашите граници ниту надвор од границите во блискиот и во поширокиот регион, нема никакви индикатори дека таа би можела битно суштински да се влоши до ниво да ги загрози интегритетот и суверенитетот на Македонија.

Сепак, Пендаровски истакна дека треба да се има предвид дека следува период што може да биде турбулентен поради очекуваното членство на земјава во НАТО, но и можното отворање на преговорите со ЕУ.
– Заклучок е дека Република Северна Македонија во наредните 40 до 50 дена влегува во еден период, кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО-членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Европската Унија – рече Пендаровски.
Претходно, пак, на првиот ден од работата на АНБ, директорот на агенцијата, Виктор Димовски, изјави дека агенцијата во рамките на својата работа ќе се посвети на имплементацијата на спроведување на реформите според европските стандарди за безбедност, со што како фактор на стабилност во регионот ќе даде придонес во целосниот процес за интеграција на земјава во ЕУ и во НАТО.

Безбедносните аналитичари со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок тврдат дека во моментов сме сведоци на можноста во Македонија да започне да дејствува безбедносен реформиран државен апарат, кој многу скоро би требало да ги даде и првите резултати и кој би функционирал по правилата на НАТО.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека реформите во безбедноста, кои ги спроведува нашата држава, можеби се едни од најкомплицираните досега, а доколку тие целосно се комплетираат онака како што се замислени ние можеме да бидеме сведоци на еден безбедносен систем што ќе дејствува по правилата на НАТО и кој ќе биде заштитнички настроен кон граѓаните на земјата и нејзиниот уставен поредок.
Според аналитичарот, актуелниот претседател Пендаровски најверојатно ги искажал своите безбедносни прогнози, веднаш по првата седница бидејќи тој за разлика од претходникот, Иванов, сега има функционален Совет за безбедност со минимизирано политичко штетно влијание.

– Јас верувам дека во наредните години ќе бидеме сведоци на уште поефикасно дејствување на овој нов државен безбедносен систем со кој превентивно ќе бидат анулирани безбедносните закани кон државата – вели Стефаноски.
Според него, сето тоа ќе придонесе на еден долг рок во државата, која наскоро ќе биде идна членка на НАТО, да владе една безбедносна стабилност, која пак е предуслов за развој на економијата, општеството а сето ќе е добра основа за привлекување на странски инвестиции.
Стефаноски се надева дека овој покажан оптимизам кај владејачката гарнитура што раководи со безбедносниот сегмент на Македонија, нема со времето да спласне и нема да подлегне на корупција, порозност и лошо дејствување како во случаите со сите минати политички гарнитури во државата од независноста па досега.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]