Фото: Архива

Комисијата за заразни болести го испрати протоколот според кој ќе треба да се одржуваат престојните избори до техничкиот премиер Оливер Спасовски и претседателот на државата, Стево Пендаровски. Со него, не се забрануваат одржувања на митинзи, одење од врата на врата, туку се препорачува почитување на мерките кои веќе се донесени за користење на дезинфекциски средства, држење дистанца, носење на маски. Министерот за здравство, Венко Филипче, презентирајќи го протоколот, рече дека очекува сите учесници во изборите да ги почитуваат правилата.

– Тој предвидува мерки и ограничувања кои прецизно го регулираат начинот и спроведувањето изборната кампања, организацијата на собирите, здравствениот протокол на денот на гласањето. Протоколот е составен од четири дела. Во однос на предизборната кампања согласно генералните препораки на Комисијата за заразни болести, а врз основа на кои се темелат генералните правила за движење, социјализација и комуникација на луѓето, одржувањето на сите активности на партиите во кампањата треба да се одржуваат почитувајќи ја физичката дистанца од 1,5 до 2 метри, задолжително носење на маска при реализација на сите активности за време и пред кампањата и задолжително често миење на рацете и дезинфекција во насока на превенција – рече Филипче.

При собирите, Филипче кажа дека се препорачува користење на разгласни уреди за нема собирање на поголема група луѓе без препорачаната дистанца. Активисти од партиите можат да одат и од врата на врата, но, не смеат да влегуваат внатре во домаќинствата.

– Во однос на спроведување на кампањата, предлозите се при одржување на било какви собири, мора да се почитуваат сите мерки кои ги набројав. Собирите кои се одржуваат на отворен и затворен простор, секогаш почитувајќи ги овие мерки и согласно тоа, бројот на учесници. Дури и за помали собири да се користат разгласни уреди за озвучување, за да се избегне концентрирање на луѓето на помал простор. Кампањата од врата на врата, мора да се реализира исто согласно овие протоколи, задолжително да се носи заштитна опрема, да не се влегува во самите домаќинства, туку надвор на врата или во дворовите. Партиските активности во штабовите секогаш кога е можно да се одржуваат на отворено, а кога не може да се почитуваат горенаведените правила. Задржувањето во партиските простории не смее да биде подолго од два часа, по што, тие ќе треба да се проветруваат и да се врши секојдневна дезинфекција на просториите. Мобилните штандови односно пултови за делење на рекламен материјал не смеат да служат како места за собирање на голема група на граѓани, а не смее да има повеќе од двајца активисти на еден штанд. Партискиот превоз се спроведува со средствата за јавен превод, чиј капацитет може да биде пополнет максимум 50 проценти, а сите внатре носат заштитна опрема – додаде Филипче.

За денот на гласање, предвидено е гласачите двапати да се дезинфираат и тоа на влез и излез, а маската која ќе мора да ја носат, да ја вадат само кога ќе треба да се идентификуваат пред избирачкиот одбор.

– Во однос на денот на изборите, сите акредитирани набљудувачи и членовите на одборите мора да носат заштитна опрема. Во просториите седат со отворени прозори или ги проветруваат секој час. На секое избирачко место мора да има задолжително средства за дезинфекција на гласачите. На избирачкото место ќе се чека на дистанца од 2 метри, при самото влегување најпрво ќе треба да се дезинфицираат рацете, при подавање на личната карта ја симнуваат кратко маската за идентификација и ја држат потребната дистанца од членовите на избирачкиот одбор, а по гласањето повторно ги дезинфицираат рацете. Во просторијата никогаш нема повеќе гласачи од бројот на боксови за гласање. Доколку постои можност, а за што треба да се консултира ДИК се препорачува зголемување на времето за гласање за два часа, со цел да се избегнат поголеми гужви – соопшти Филипче.