Иако изминатиот викенд заедничкото соопштение на СДСМ и на ДУИ дел од медиумите го протолкуваа како подавање рака, сепак лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека сѐ уште нема прелиминарен договор за влада. Сепак, според изворите, преговорите меѓу СДСМ и ДУИ се во напредна фаза

Клучна недела за состав на владата

Оваа недела ќе биде клучна во преговорите меѓу партиите за состав на парламентарно мнозинство. Период што се совпаѓа и со уставниот рок за доделување на мандатот од претседателот Стево Пендаровски, кој во рок од десет дена по конституирањето на Собранието треба да го додели мандатот на кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието. Кога ќе се случи тоа зависи од преговорите, кои сега се одвиваат меѓу сите политички партии.
Иако изминатиот викенд заедничкото соопштение на СДСМ и на ДУИ дел од медиумите го протолкуваа како подавање рака, сепак лидерот на СДСМ, Зоран Заев, завчера изјави дека сѐ уште нема прелиминарен договор за влада. Сепак, според најавите, преговорите меѓу СДСМ и ДУИ се во најнапредна фаза.
Заев повика на воздржаност и разбирање кога станува збор за преговорите за мнозинство и влада, средбите на работните групи и на лидерите на партиите.
– Прелиминарен договор за парламентарно мнозинство и формирање нова влада меѓу СДСМ и ДУИ сè уште нема – изјави лидерот на СДСМ.
Инаку, викендот повеќе медиуми јавија дека СДСМ и ДУИ веќе се договориле за формирање нова влада, пренесувајќи го писмениот став од СДСМ по средбата на нивниот генерален секретар Љупчо Николовски со Артан Груби од ДУИ.
Од СДСМ во писмениот став рекоа дека со ДУИ се согласни за повеќе принципи на кои треба да се темели „евентуалната заедничка владина програма“, но во него немаше ништо за тоа кој ќе ја води владата, со оглед на барањето на ДУИ за премиер Албанец, макар и само во еден дел од мандатот на новата влада.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, посочи дека и тие имаат комуникација со политичките партии.
– Не би навлегувал во детали, да не ги нарушам процесите. Но од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Христијан Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат- изјави Арсовски.
Од Алијансата за Албанците изминатиот викенд изјавија дека би прифатиле да бидат дел од новата влада заедно со ДУИ само доколку мандатар биде Насер Зибери, во сите други случаи се за ДУИ да отиде во опозиција.

Ова директно го посочил Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, кои на изборите настапија заедно со Алтернатива и освоија 12 пратенички мандати.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, пак, рече дека нема да бидат дел од влада во која е и ДУИ, но рече дека не може да влезат во преговори без нивниот коалициски партнер Алијанса за Албанците.