Поради големото значење на реформите од областа на безбедноста и високиот степен на јавен интерес за претстојните системски промени од оваа област, „Нова Македонија“ во свој осврт во неколку продолженија ќе се обиде на читателите што поедноставно и појасно да им го презентира процесот на реформите на разузнавачките и безбедносните служби, како и да ги посочи најголемите предизвици пред кои се наоѓа безбедносниот сектор на државата во овој момент. Наедно, преку мислењата на релевантни соговорници, ќе се даде појаснување на моделите на преструктурирањето на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) како еден од сегментите на националниот безбедносен систем. Во својот осврт, весникот користи размислувања на видни безбедносни аналитичари, универзитетски професори, правници и поранешни високи државни функционери од оваа област.

Во последното продолжение на нашиот осврт за преструктурирање на националниот безбедносен сектор, со посебен осврт на предлог-моделите за реструктурирање на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), ќе се осврнеме на последниот предлог-модел за УБК, а имено Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Агенцијата за разузнавање (АР) да се спојат во еден орган, кој ќе дејствува како посебна нова владина безбедносна агенција.
Истражувачката за безбедносни прашања на „Аналитика тинк-тенк“,Магдалена Лембовска смета дека моделот што предвидува спојување на УБК со АР, односно формирање единствена разузнавачка и контраразузнавачка служба, е најповолен за државата, бидејќи на тој начин ќе се обезбедат неопходната независност и поголема ефикасност во работењето.
– Преку соодветно комбинирање на ресурсите и точно дефинирање и распределба на надлежностите меѓу новоформираните организациски единици, може да се дојде до креирање ефикасна и професионална безбедносно-разузнавачка служба – вели таа.
Според неа, сепак, овој модел е и најсложен, па спроведувањето на реформата би било придружено со поголем број предизвици.
– Меѓу другото, ќе биде потребно добро да се осмисли позиционираноста на службата во однос на Владата и на претседателот, со оглед на тоа што во моментот АР е под претседателот (иако Владата игра одредена улога), а УБК под министерот за внатрешни работи. Друг проблем е преголемата концентрација на моќ во едно тело, што во нашето општество се покажа дека е високоризично – истакнува Лембовска.

Таа забележува дека иако во фокусот на реформата е УБК, важно е реформата да го опфати целокупниот безбедносно-разузнавачки систем, односно првиот и вториот модел треба да бидат надградени со реформа на Агенцијата за разузнавање, но и на военото разузнавање.

– Агенцијата за разузнавање работи според Законот од 1996 год., кој никогаш не бил дополнет или променет, што во никој случај не може да соодветствува на современите текови и демократски норми – вели Лембовска.

Слично размислува и поранешниот министер на МВР Павле Трајанов, кој додава дека, според неговата перцепција, најповолна варијанта на спроведување на реформите е да се изврши спојување на УБК и АЗ во еден сосема нов орган, кој ќе функционира надвор од МВР.

– Јас верувам дека и првиот човек на оваа идна институција, доколку постои, би требало дополнително да се избира во парламентот, со двотретинско мнозинство, по предлог од Владата. На овој начин би се овозможило истовремено оваа институција да дејствува независно од политичките притисоци и да дава отчет за дејствувањето пред парламентот, а истовремено и првиот човек почесто да биде менуван, бидејќи би поседувал и одреден мандат според законите на државата за таа позиција. Единствено негативно, според мене, ако воопшто може да се каже така, во овој контекст на случувања е дека е можно концентрирањето на моќта на овие безбедносни структури (УБК и АЗ) во рацете на еден човек – државен функционер – вели Трајанов. Токму затоа, додава Трајанов, и оваа варијанта на реформите треба да се спроведе паралелно со процес на пречистување на кадарот во овие институции преку соодветен ригорозен закон што би се однесувал на тоа кој би детерминирал кој сѐ може да работи во нив.

– Јас верувам дека овој тип реформа најдобро би одговарал на сегашните состојби во државата, бидејќи на тој начин би се довело во правец дејствувањето на агенциите, кои сега се многу изместени од својата улога што беше поставена во периодот меѓу 1990 и 1994 година, кога се носеа одредбите за нивно дејствување – вели Трајанов.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски е на слична линија со Трајанов и Лембовска, но тој најголемиот проблем во овој модел го наоѓа во начинот и висината на финансиите и издатоците што се потребни за дејствување на ова т.н. ново безбедносно тело.

– Македонија е мала земја во безбедносна смисла на зборот, па од таа перспектива јас мислам дека сосема нова и обемна организација што би вршела разузнавање, контраразузнавање, следење и спроведување посебни истражни мерки би претставувала еден голем финансиски потфат, кој повеќе прилега да го имаат државите што се многу помоќни од нашата во секоја смисла на зборот – вели Стефаноски.

Тој истакнува дека барем хипотетички проблем во оваа смисла на реформата на безбедносниот сектор може да јави и во големиот импакт и влијание врз државата и врз општеството што би го имала оваа институција односно онаа политичка гарнитура што би раководела со ова тело во иднина.

– За да се избегне потенцијалното штетно влијание на ова ново безбедносно тело, јас мислам дека е потребно неговото раководство да се одредува со мандат и со парламентарна согласност – вели Стефаноски.

За крај на нашата новинарска опсервација за тоа како ќе се преструктурира нашиот национален безбедносен сектор, вклучувајќи ја и УБК како еден од клучните елементи и носител на контраразузнавањето, треба само да се подвлече фактот дека со трендот на безбедносна децентрализација и деконцентрација на моќта и реструктурирање токму во таа насока, се покажува дека веројатноста од злоупотреба на овие специфични служби и веројатноста за кршење на Уставот и законите можат да се сведат на минимум или, што би било уште подобро, да бидат сосема елиминирани. На тој начин, со зајакнувањето на нивниот капацитет, а со изборот на вистинскиот модел на преструктурирање, со драстично зголемена професионалност, посветеност, стручност и компетентност и намалено влијание на партиите или други центри на моќ, службите со целиот свој потенцијал во рамките на своите законски надлежности би се ставиле во функција единствено на граѓаните и на државата.