Фото: Маја Јаневска-Илиева

Таму каде што се најпотребни кохабитација, меѓусебна координираност и усогласеност, како што е случајот за прашањето за спорот за името меѓу Македонија и Грција, но и последните примери со изборот на гувернер на Народната банка и носењето на Законот за употреба на јазиците, за жал, се покажува дека одлуките се носат еднострано и без консензус меѓу власта и опозицијата, но и без соработка меѓу институциите како што се премиер и претседател на државата

Постојат ли координација и усогласеност кај државниот врв во водењето на надворешната политика и дипломатијата на земјата и каква е соработката меѓу претседателот на државата и премиерот на Македонија околу клучните прашања за државата. Овие дилеми повторно го свртеа вниманието во домашната јавност по неодамнешните случувања во Вашингтон, кога министерката за одбрана Радмила Шекеринска обелодени дека македонскиот амбасадор Васко Наумовски ја бојкотирал при нејзината посета на САД на средбите со високи американски претставници. Изминатиот период имаше и редица случаи на разлики помеѓу премиерот и претседателот на државата во однос на низа важни стратегиски прашања, а многу често до јавноста допираа и изјави на шефот на државата дека воопшто не е запознаен со преговарачкиот процес со Грција околу спорот за името. Последен пример на меѓусебна неусогласеност е изборот на гувернер на Народната банка за што токму за вчера беше најавена и координација помеѓу претседателот на државата и премиерот. Но можно ли е да се води успешната надворешна политика без целосна координираност и усогласеност на сите чинители што учествуваат во неа. Особено во период кога државата е исправена пред сериозен предизвик и е под силен надворешен притисок во врска со спорот со Грција.

Експертите со кои се консултиравме во сублимиран заклучок се сложни дека кога станува збор за носење битни прашања за државата, соработката меѓу претседателот и Владата затајува.
Тие објаснуваат дека таму каде што е најпотребна кохабитација, како што е случајот за прашањето за спорот за името меѓу Македонија и Грција, но и последните примери со изборот на гувернер на Народната банка и носењето на Законот за употреба на јазиците, за жал, покажуваат дека одлуките се носат еднострано и без консензус на власта и опозицијата.
– За жал, личностите на двете врвни функции во Македонија, претседателот и премиерот се чини дека не можат, не сакаат или не умеат да кохабитираат – вели политичкиот аналитичар Милан Стефаноски.

Тој сугерира дека претседателот Иванов со овој чин ја презема улогата на опозиционер на власта, а Заев од друга страна покажува дека нема разбирање за носење државни одлуки со консензус со опозицијата.
– Македонија, за жал, има големо политичко искуство во овие случувања. На слични позиции како што се сега Иванов и Заев, во минатото беа тогашниот претседател Бранко Црвенковски и бившиот премиер Никола Груевски, но и сите државници пред нив дури и оние што потекнуваа од исти партии, како во времето на бившиот премиер Владо Бучковски, кој иако од иста социјалдемократска матрица, имаше проблеми во комуникацијата со Црвенковски – вели тој.
Стефаноски цени дека дел од проблемите во кохабитацијата лежат и во недоволната поделеност и прецизност на уставното разграничување на надлежностите меѓу претседателот и премиерот во решавањето на исклучително битните државни прашања.

За жал, личностите на двете врвни функции во Македонија, претседателот и премиерот, се чини дека не можат, не сакаат или не умеат да кохабитираат и тоа е македонска константа што се провлекува низ годините, тврдат аналитичарите

Според него, пред македонските државници приоритетите за влез на земјава во НАТО и во ЕУ мора да го надминат ривалството на суети.
– Во интерес на државата е тие односи да бидат функционални и да даваат ефекти. Вака мислам дека пречат и на процесот на евроинтеграција, пречат во нашата дипломатска акција и надворешна политика – резимира тој.
Поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малевски, пак, смета дека во овие клучни моменти кога има исчекори во процесот за македонско пристапување во ЕУ и во НАТО, државниот врв треба да избегнува гафови во кои тој покажува дека нема единство на земјата за битните прашања.
Дипломатот додава дека, сепак, сите државници во земјата заедно со политичките партии имаат заедничка цел во евроатлантските аспирации на Македонија и таа не е само декларативна.

– Дали затајува соработката на државниот врв е тешка квалификација и верувам дека е добро во вакви моменти да постои единство за стратегиските цели иако јас не се сомневам дека целата енергија на државните лидери е насочени на таа агенда. Сепак, очигледно е дека некоја меѓусебна координација во моментов отсуствува. Ако се анализира тоа што се случи во САД, можам да кажам дека станува збор за политички гаф, кој не важи само за Македонија туку според моето дипломатско искуство може да се каже дека тоа се случува некогаш и кај многу други понапредни европски држави од нашата. Кохабитацијата и соработката за битните прашања во политиката во Македонија, за жал, се поврзува и со политичката култура во земјава, која иако е лоша во некои моменти сепак верувам дека може да се подобри во иднина – вели Малевски.
Во меѓувреме, по барање од премиерот Зоран Заев, вчера претпладне беше одржана втора средба со претседателот Ѓорге Иванов за усогласување на ставовите околу изборот на гувернер на Народната банка.
Од кабинетот на премиерот потврдија дека имало средба, но не соопштиле детали за разговорите посочувајќи дека организатор на состанокот бил кабинетот на претседателот на државата, од каде што најавија соопштение за содржината на разговорите.

– Верувам дека по пат на кохабитацијата и дијалогот што го имаме ќе најдеме решение. Правото е апсолутно на претседателот да предложи, но правото е и на парламентарното мнозинство да избере гувернер. Оваа институција мора да ја држиме професионална. Разговараме за експертски решенија, не за партиски решенија, кои и понатаму би ја чувале монетарната политика стабилна, затоа што и нас како Влада тоа ни е од голема важност за да можеме да ги креираме другите економски политики – изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања пред состанокот.
Од кабинетот на претседателот Иванов информираа дека претседателот, предлогот за гувернер го доставил до Собранието на 27 април 2018 година за што одлучил по консултации со Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија, Здружението на банкарството, МАНУ и со други релевантни фактори од оваа област, притоа водејќи се исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста што ја предлага.