Унијата со нова безбедносна стратегија против хакерите

Може ли Македонија да го искористи моментот на актуелнатa иницијатива на Европската Унија (ЕУ), која неодамна одлучи да спроведе решителни операции против хакерските и хибридните напади насочени против институциите на европските држави и подобро да го заштити својот дигитален простор.
Овие дилеми се актуелни периодов кога во земјава сѐ уште траат истрагите за хакерските напади на ДИК и на веб-сајтовите на министерствата за здравство и за образование и во период кога Европската комисија (ЕК) најави одлучна битка против сѐ позачестените хакерски и хибридни напади врз институциите на европските држави, како и зголемениот обем на дезинформациите и лажните вести во јавноста.
Во своја анализа на оваа тема американскиот магазин „Политико“ информира дека овие активности на Брисел се резултат на спроведувањето на новата стратегија за безбедност на Унијата.
Магазинот пишува дека иако не се напоменуваат земјите во кои точно ќе се спроведуваат мерките на новата безбедносна стратегија против хакирањата и хибридните закани, претставници на ЕК информирале дека тоа ќе бидат оние места каде што одредени центри надвор од Европа веќе оркестрирале напади за да прикажат дека ЕУ е неуспешна во тие земји.

– Стратегијата предвидува дека ЕУ во наредниот период ќе најде и ќе организира решенија што ќе имаат цел да се зближи координацијата на институциите на државите со безбедносните тела, ќе изврши модернизација на легислативата за заштита на дигитални и физички инфраструктури на државите од вакви дејства и ќе предложи нови закони со кои ќе се спречи експлоатацијата и злоупотребувањето на децата на интернет – пишува магазинот.
„Политико“ информира и дека ЕК ќе изработи и специјализирана онлајн платформа, која ќе овозможи државите меѓу себе брзо и ефикасно да ги координираат операциите против ваквите закани.
Медиумот најавува и дека се очекува ваквата нова политика на Европската Унија да биде спроведена до крајот на годинава.
Во меѓувреме, експертите со кои се консултиравме од областа на сајбер-безбедноста велат дека што поскоро како земја треба да го искористиме моментот во кој ЕУ се обидува да даде одговор на хибридните закани и во тесна соработка со Брисел да извојуваме дигитална битка против хакерите, кои се закана за демократскиот поредок и за нормалното функционирање на нашата земја.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски оценува дека сега сите повеќе ќе ја цениме дигиталната безбедност на земјата по последната серија хакерски напади врз државните институции на нашата држава, односно кога беше нападната ДИК по изборите или кога беше нарушено правичното информирање на Министерството за здравство за време на пандемијата на коронавирусот.
Стефаноски мисли дека преставниците на државните власти со сигурност се во одлична корелација со европските пријатели во моменти кога Европската Унија изработува обемен одговор на ваквите закани со кои се соочи Македонија, но и голем број држави од ЕУ.
Тој мисли дека паралелно со овој процес, во земјава треба да се активни и голем број државни, но и невладини кампањи за издигање на јавната свест за важноста на заштитата на сајбер-просторот, бидејќи овој домен од нашиот живот мора да биде обезбеден на идентичен начин како што е обезбедено или регулирано дејствувањето на другите активности на институциите во државата.

– Според мене, што побргу го „описмениме“ народот за правично функционирање на интернет толку побргу ќе имаме и резултати за зголемена дигитална безбедност и стабилност во животот во сајбер-сферата. Натаму, и самите институции мора да разберат дека во иднина ќе требаат многу да инвестираат и на образован кадар, но и на специјализирани и модерни алатки за да ги заштитат своите ресурси и да овозможат непречен сервис на граѓаните на интернет – вели Стефаноски.
Тој резимира дека сега како држава мораме да ги искористиме своите пријателства во Унијата за да притиснеме да се најдеме на агендата за заштита на сајбер-просторот на идентичен начин како што за тоа лобиравме за членството во НАТО и за процесите за пристапување во ЕУ.

Сличен став има и експертот за интернет-безбедност Филип Симеонов, кој вели дека државата мора повеќе да инвестира во сајбер-безбедноста на државните институции.
– Веќе не станува збор „дали ќе бидеме хакирани“, туку „кога ќе бидеме хакирани“. А тоа го докажува и сегашната ситуација, во согласност со заканата на оние што се борат за т.н „праведно општество“ – вели Симеонов.
Тој посочува дека не се хакирани само веб-страниците на министерствата за образование и за здравство, туку хакерите имаат пристап до целосната инфраструктура на здравството, а доказ за тоа се објавите дека групата има пристап до електронските поштенски сандачиња на 676 вработени во здравството.

[email protected]