Фото: Игор Бансколиев

Есенски пакет предизвици: Попис и локални избори

Иако според здравствените власти процесот на имунизација тече добро, а до есен се очекува висок процент на вакцинирано население, сепак претпазливоста на институциите мора да биде на високо ниво.
Има ли опасност од нов бран во вакви услови, дали Државната изборна комисија (ДИК), партиите и Државниот завод за статистика веќе прават планови како да се изведат изборите и пописот без да се предизвика нов ризик?

Попис на населението во септември годинава и локални избори еден месец подоцна во октомври. Ова се два големи процеси, чија реализација вклучува голем број луѓе, масовност и голема раздвиженост на населението. Истовремено ова е период од годината што се поклопува со есенските вирусни зарази и од искуството од лани, клучен период кога почна масовното ширење на ковид-19 во државата.
Иако според здравствените власти процесот на имунизација тече добро, а до есен се очекува висок процент на вакцинирано население, сепак претпазливоста на институциите мора да биде на високо ниво.

Има ли опасност од нов бран во вакви услови, дали Државната изборна комисија (ДИК), партиите и Државниот завод за статистика веќе прават планови како да се изведат изборите и пописот без да се предизвика нов ризик?
Колку од членовите на изборните комисии се вакцинирани, дали партиите ќе ги вакцинираат кандидатите за учество во изборите, дали попишувачите се вакцинирани?
Иако сите надлежни инстанци велат дека ќе бидат почитувани сите здравствени протоколи, сепак, на сите овие прашања овие институции мора уште од сега да работат на прецизни планови.

Епидемиолозите, пак, очекуваат да има висок процент на вакцинирано население, но сепак, посочуваат дека сѐ уште е рано да се даваат детални прогнози за епидемиолошката слика за следните три месеци.
Велат дека минатата година очекувале вирусот да стивне до септември, но се случило токму обратното, не само кај нас туку и во целиот свет.

Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија, вели дека уште отсега ги подготвуваат протоколите според кои треба да се одржат локалните избори, предвидени за втората половина на месец октомври годинава.
– Протоколите ќе бидат во насока на максимална заштита од ковид-19 на граѓаните, како и на оние што ќе ги спроведуваат изборите. Без разлика дали тогаш ќе има само еден заболен или повеќе, ние изборниот процес го подготвуваме во насока на мерките за заштита за време на пандемија – посочува Даштевски.

Според него, во земјата веќе еднаш биле одржани избори за време на пандемија, со што веќе им е познато искуството од тогаш.
– Она што сме го увиделе како недостаток од тогаш, сега ќе го поправиме -заклучува тој.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека за извршување на претстојниот попис ќе се почитуваат сите здравствени протоколи од страна на Комисијата за заразни болести.
– Без разлика дали голем дел од попишувачите ќе бидат вакцинирани или не, ќе бидат почитувани сите мерки, како носење маски, дистанца и дезинфекција. Нема да дозволиме никој да биде доведен во опасност, ниту попишувачите, ниту граѓаните. Иако е рано да се каже каква ќе биде состојбата до септември, сепак, пописот ќе се спроведува според мерките за заштита за време на пандемија – посочува Симовски.
Собранието на 2.4.2021 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, со што спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, наместо во периодот од 1 април до 21 април 2021 година, се одложува за периодот од 5 септември до 30 септември 2021 година.

Спроведувањето на пописот на државјаните на Република Северна Македонија што се на привремена работа или престој во странство ќе продолжи до 30 септември 2021 година.

[email protected]