Фото: Игор Бансколиев

Македонската армија има длабоки корени во минатото. Вооружените формации отсекогаш биле ударната тупаница на националните стремежи за национална слобода и сопствена држава. Армијата на Република Македонија е наследничка на светлите традиции на непоколебливата борба на македонскиот народ низ вековите, а 18 август е само еден од светлите датуми на нашата историја што треба со гордост да го чествуваме, притоа секојдневно да сме свесни и горди на нашите вооружени сили преку кои сме препознатливи, како преку воените вештини така и како припадници на народ што со гордост ја штити не само својата земја туку и меѓународниот поредок

Македонската војска е носител на антифашистичката, национална и социјална борба на македонскиот народ

Воените историчари со посебен пиетет го посочуваат денешниот датум како пресуден во процесот на создавањето на македонската армија. Токму денешниот ден е од посебно значење поради формирањето на првиот баталјон „Мирче Ацев“, како прва регуларна воена единица на македонскиот народ. Конкретно, баталјонот „Мирче Ацев“ се создава со наредба на Штабот на втората оперативна зона на 18 август 1943 година, на Славеј Планина, а во неговиот состав влегле борците од одредите „Даме Груев“, „Димитар Влахов“ и други единици од западниот дел на Македонија.

Длабоки корени во минатото

Кога се зборува за македонската армија како заштитник на суверенитетот и интегритетот на македонската држава, тогаш не треба да се испушти од предвид дека таа има повеќевековна традиција со длабоки корени во минатото – од ајдучкото движење од 17 и 18 век, Разловечкото и Кресненското востание од 19 век, како и Илинденското востание од почетокот на 20 век.
Не случајно, Панко Брашнаров во својот легендарен говор пред делегатите на Првото заседание на АСНОМ потсети на востаничката традиција и илинденската епоха, кои кулминираа со антифашистичката борба и создавањето на македонската современа држава, велејќи: „Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројните народни херои, кои паднале и ги посеале коските си по цела Македонија, им станува полесно и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледаат иделна дружба на старите илинденци – на Гоце Делчев и денешните илинденци – младата македонска војска и поставените темели за остварување на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија“.
Оттаму, слободно може да се каже дека во создавањето на македонската армија учествуваше цела низа македонски генерации, а неизбришлива трага оставија дедо Иљо Малешевски – познат ајдутин и заштитник на македонскиот народ, Димитар Поп Георгиев Беровски – организатор, водач и учесник во Разловечкото и Кресненското востание, Гоце Делчев – главен инспектор и творец на четничкиот институт на Македонската револуционерна организација, Даме Груев – член на востаничкиот Главниот штаб и водач на Илинденското востание, Кузман Јосифовски-Питу – еден од главните организатори на македонската антифашистичка борба, Михајло Апостолски – генерал и командант на народноослободителната војска и партизанските одреди, како и плејада други истакнати Македонци.
Ајдутството е најстарата традиција на вооружена борба на македонскиот народ. Ајдутите биле организирани во ајдучки чети на чело со војводи, а своите дејствија ги започнувале напролет и ги завршувале наесен, кога се засолнувале кај своите јатаци. Ајдучките дружини најчесто се состоеле од околу 20 души, а понекогаш во зависност од состојбата нивната бројност изнесувала и до стотина. Ајдуците биле заштитници на македонскиот селанец од теророт на османлиските феудалци, а особена улога имаат во Карпошовото востание од 1689 година предводено од познатиот ајдутски арамбаша. Ајдутите како заштитници на обичниот народ се опеани во многу епски народни песни.
Во втората половина на 19 век, започнуваат да се појавуваат првите помасовни и организирани воени движења. Особено значење во овој период имаат Разловечкото и Кресненското (Македонското) востание.

Разловечкото востание започнува во 1876 година во источниот дел на Македонија, со нападот врз селото Разловци. Главни организатори на востанието биле Димитар Поп Георгиев Беровски и Стојан Разловски. Споменатото востание било задушено, но тука не завршила борбата на Македонците против османлиската власт.
Во 1878 година во селото Кресна започнува големо и семакедонско востание против Османлиската Империја познато како Кресненско востание. Главни организатори и водачи биле охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки, Димитар Поп Георгиев Беровски, познатиот војвода Стефо Николов, Коста Буфски и други македонски војводи. По ослободувањето на поголема територија, востаниците формирале воена организација на чело со Главен штаб. Биле создадени воени чети, кои имале војвода, десетар и писар, секоја чета се состоела од околу 60 души. За потребите на четите бил изработен дисциплински устав од 12 члена. Кресненското востание било неуспешно, но тоа било важна етапа во понатамошните борби на македонскиот народ за слобода, како и создавањето на македонската држава.
Нова понапредна фаза во борбата против Османлиите започнува во последната деценија на 19 век со создавањето на Македонската револуционерна организација (МРО), чија цел е создавање автономна македонска држава. Со намера да го засили и прошири револуционерно движење, МРО започнала со создавање на четничкиот институт. Главни творци на оваа воена организација биле Даме Груев и Гоце Делчев. На чело на четите биле назначувани војводи и секретари – агитатори, а бројката на четниците изнесувала околу десет души. МРО преку четите го засилила својот авторитет кај народот и постепено започнала да контролира големи делови од османлиска Македонија. Четничкиот институт и четите имале огромна улога во Илинденското востание, кое започнало во 1903 година. Во текот на востанието, во Битолскиот револуционерен округ се создава воена востаничка организација на чело со Главен штаб. Негови членови биле Даме Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев, всушност споменатиот штаб раководи со Илинденското востание и сите востанички чети биле под негова команда. Не е позната точната бројка на револуционерните чети, според еден податок, кој се однесува за периодот на младотурскиот преврат од 1908 година, Македонската револуционерна организација имала околу 110 чети со неколку илјади борци.

По Балканските војни и Првата светска војна, Македонците ја продолжуваат борбата за сопствена држава. Во еден период од неколку години, доаѓа до повторно заживување на револуционерната борба на чело со ВМРО предводена од Тодор Александров. Во овој период, под покровителство на Александров се возбновува четничкиот институт и револуционерните чети повторно се појавуваат во пределите на Македонија. По убиството на Александров, неговиот наследник Ванчо Михајлов го напушта четничкиот начин на војување со што се распуштаат револуционерните чети и се заменуваат со тројки. На овој начин, ВМРО постепено се трансформира од револуционерна во терористичка организација. По 1934 година, старите револуционерни структури се пацифизираат, но борбата за сопствена држава ја презела новата македонска генерација.

Остварување на вековните стремежи

По започнувањето на Втората светска војна и повторната поделба на Македонија, македонскиот народ започнува борба против окупаторите – нацистичка Германија, фашистичка Италија и царска Бугарија. Во почетокот војувањето имало партизански облик, а примената на комбиниран облик на борба започнала во 1943 година. Антифашистичката борба започнува на 11 октомври 1941 година со создавањето на првите партизански одреди, кои постепено се трансформирале во Народноослободителна војска на Македонија.
Особено значење има создавањето на баталјонот „Мирче Ацев“ на 18 август 1943 година, на Славеј Планина, помеѓу Охрид, Охридско Езеро и Кичево. На 11 ноември се формира Првата македонско-косовска бригада, а другите поголеми воени единици биле создадени во декември 1943 година и февруари 1944 година. Трите формирани бригади биле јадрото на Народноослободителната војска на Македонија, која во 1943 година имала околу 7.000 партизани. Постепено војската се зголемила на три корпуса, седум дивизии и триесет бригади, со околу 80.000 редовни војници. На чело на Народноослободителната војска на Македонија стоел Главниот штаб, во состав Михајло Апостолски, Цветко Узуновски, Страхил Гигов, Бане Андреев, Борко Темелковски и Панче Неделковски.
Многу малку армии во светот можат да се пофалат со традиција каква што има македонската армија. Никогаш во историјата, македонските војници не се бореле за освојување туѓи територии и никогаш македонската армија не била окупатор на друга нација или држава. Срцевината на македонската армија е проткаена со борбата за слобода и правичност, борба за остварување на македонските национални идеали.

На вистинската страна на историјата

Македонската армија во текот на Втората светска страна беше на страната на сојузниците, кои беа обединети околу платформата на антифашистичката борба против нацистичка Германија и фашистичка Италија во време кога многу други нации лошо ја одбраа страната. Македонските војници како дел од југословенската армија беа дел од големата сојузничка коалиција со Советскиот Сојуз, Велика Британија и Соединетите Американски Држави, но не смее да се заборави дека слободата и македонската државност сами ја извојуваа. Македонците, како и многупати во историјата, ја избраа вистинската страна и со многубројни жртви извојуваа победа, со што го отфрлија јаремот и се ослободија од дотогашните поробувачи. Тоа е моментот по кој се препознава антифашистичката борба за национално ослободување и за социјална правда. Во тие околности македонската армија беше носителот на ваквата антифашистичката, национална и социјална борба.
Таквата победа беше овековечена со Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчински“, впрочем таа победа беше признаена и од воените делегации на сојузничките армии.
АСНОМ има особено значење ако се земат предвид неговите одлуки. На првото заседание беа донесени Декларацијата за основните права на граѓаните на демократска Македонија, Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик, Решението за прогласување на Илинден – 2 Август, за народен и државен празник на македонската држава и др. Особено значање имаат и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, како и Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ.

Во Манифестот меѓу другото се вели: „Македонски народе, од тешките борби и пролевената крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во првата слободна македонска држава. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ створи своја собствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја кукја; за прв пат тој стана не дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава. Това е најголемата придобивка во историјата на нашиот народ, спечалена во гигантскиот антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија…“.
Народноослободителната војска на Македонија и партизанските одреди го поплочија патот до АСНОМ, а АСНОМ го оствари вековниот сон на Македонците за национална и социјална слобода.