Прашањето за членството на Македонија во Европската Унија не е само бугарско, туку и балканско и паневропско, бидејќи се работи за политичко проширување на Унијата, како што наведе бугарската потпретседателка Илијана Јотова во изјава за БНТ. И бугарскиот претседател Румен Радев повика на почитување на правата на Бугарите во Македонија и посочи дека тоа е предворјето за интеграцијата на државава во Европската Унија.

Јотова се осврна и на, како што истакна, „скеврнавењето на гробовите на бугарските војници во Македонија”, додавајќи дека се работи за „многу долга сага”. Бугарски „Труд“ објави дека коските на речиси 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна, наводно биле раскопани од две поголеми парцели на гробишта поради изградба на пат кај селото Дреново, во близина на Кавадарци. И Радев го осуди, како што рече, „сквернавењето на бугарските воени гробишта во Северна Македонија“.

Бугарското министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Бугарија придава големо значење на прашањето за зачувување на бугарското културно-историско наследство и на бугарските воени гробишта во Македонија.

Бугарската телевизија БНТ, пак, објави дека спомениците на бугарските војници убиени во Првата светска војна во близина на Кавадарци, се целосно недопрени, откако испрати новинар на лице место за да ја провери ситуацијата.