Ортопедот Борче Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е нов градоначалник
на Прилеп, кој уште во првиот круг победи со 21.196 гласови, или со 6.500 гласови повеќе од противкандидатот Горан Сугарески од СДСМ. ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат мнозинство и во општинскиот Совет. Според бројот на освоените гласови ќе имаат 15 советници од вкупно 27.

Новоизбраниот градоначалник д-р Борче Јовчески, заедно со Дејан Проданоски,
претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, кој ќе биде идниот претседател на Советот,
денеска одржаа прес конференција, заблагодарувајќи им се на прилепчани за големата
доверба што им ја дадоа.

Од пред општинската зграда, Јовчески рече дека е запишана нова страница во
историјата на Прилеп.

– Покажавме дека знаеме и умееме демократски да размислуваме и да го избереме најдоброто за градот, за граѓаните. Заедно со граѓаните можеме да придонесеме за развојот на Прилеп, за подобро утре во сите сфери во општественото живеење. За нова иднина, за реализација на проекти за економски, културен, спортски напредок на Прилеп – рече Јовчески.

Дејан Проданоски посочи дека новиот Совет ќе работи во интерес и потребите на
граѓаните и за развој на Прилеп. Ка.М.