Државниот јавниот обвинител Љубомир Јовески смета дека треба да има силно, професионално и одговорно обвинителство, да не се задоволуваат дневно – политички потреби и интереси за резултат на пазарење.

– Затоа ни е неопходен закон за ЈО кој ќе обезбеди услови, основи за силно професионално и не селективно и одговорно обвинителство. Решенијата во законот не треба да задоволуваат нечии дневно политички потреби и интереси, ниту да бидат резултат на пазарење, туку да го усогласат домашното законодавство со законодавството на ЕУ и на подобар начин да ја постават внатрешната организација на ЈО, пред се поради зголемување на ефикасноста во постапувањето изборот и унапредувањето на јавните обвинители и нивната одговорност – кажа Јовески на јавната дебата за последната верзија на законот за јавното обвинителство во Собранието.

Тој смета дека предложените решенија во работниот текст на законот за јавното обвинителство ја зацврстуваат самостојноста на јавните обвинители во постапувањето по конкретни предмети, а додека принципот на хиерархија се однесува на надзорот над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција.

– Критериуми за оценка на јавните обвинители се стручност и квалитет на одлуките, ажурност и ефикасност, непристрасност и совесност, углед и етичност достојни за функцијата, соработка и однос спрема странките и другите вработени во Обвинителството, способност и спремност за стручно усовршување и стекнување со нови знаења и организаторски способности. Само врз основа на овие критериуми ќе се гради кариерата на обвинители и ќе се стави крај на влегување во Обвинителството во повисоки степени без неопходното искуство – вели тој.

Јовески смета дека законот многу прецизно ги дава новите основи за дисциплинска и материјална одговорност на јавните обвинители. Според него добро е што во законските решенија изграден е став по предметите од организиран криминал и корупција да постапува ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција наместо како што имаше идеи за формирање на две обвинителства, вели тој, додавајќи дека така нема да има прекплопување на надлежностите.

Јовески вели дека обвинителите од поранешното СЈО во законот немаат посебен третман, ниту пак се обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал, туку остануваат во обвинителствата каде беа вработени пред изборот на специјални обвинители.

Имајќи предвид дека тие работеле на одредени сложени предмети законот пропишува дека ќе продолжат да работат на овие предмети до нивно завршување.

– Ваквото решение е основано заради ефикасност на кривичниот проблем со што сторителите на кривични дела ќе бидат изведени пред суд – смета Јовески.

Тој додава дека јавниот обвинител не треба да се бира на предлог на политичките партии, туку дека тоа треба да биде во надлежност на Советот за јавни обвинители. Значајна е и финансиската самостојност и исто така важно е што средствата за работа на ЈО се обезбедуваат во висина од најмалку 0,4 посто од буџетот на државата, што е ново за разлика од сегашното финансирање на Обвинителството.