Јавно извинување од претсдетаелот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и од Александар Николовски бара кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој синоќа беше разрешен од функцијата потпретседател на партијата. Во спротивно, како што стои во мејлот од него, кон нив двајцата ќе поднесе приватни тужби за клевета и навреда на неговата личност.

– На вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ до мене беа упатени неосновани обвинувања. Обвинувањата беа насочени кон мене како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и лично како индивидуа. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашниот ЦК даде предлог за мое разрешување од функцијата потпретседател. Како лидер на најголемата политичка партија во Република Македонија му доликува разрешувањето од функцијата потпретседател да го води крајно професионално па дури и да упати благодарност до мене за моите досегашни вложувања во партијата, но уште поважно да ја почитува функцијата Градоначалник на Општина Кавадарци од редовите на ВМРО–ДПМНЕ која од досега сработеното носи само успех најмногу за Општина Кавадарци, но и за ВМРО-ДПМНЕ. 

Напротив, на вчерашната прес-конференција од Александар Николовски кон мене беа упатени ниски и агресивни обвинувања за закани, поткуп и криминал, рамо до рамо со Сашо Мијалков. 

Поради ваквите неосновани и крајно непрофесионални навреди од страна на Христијан Мицкоски и Александар Николовски кои се обидуваат да го нарушат мојот авторитет, барам јавно извинување и од Христијан Мицкоски и од Александар Николовски. Во спротивно, кон нив двајцата ќе поднесам приватни тужби за клевета и навреда на мојата личност, стои во јавното писмено барање за извинување од Јанчев.

Различниот став и различното размислување во една нормална модерна партија, пишува тој, треба да бидат прифатени, дискутирани и потоа заеднички да се најде вистинскиот пат, но тоа не е случај и со ВМРО-ДПМНЕ.

– Моето залагање за партијата ќе продолжи со сите мои способности и целосна професионална посветеност. Различните ставови во една партија и почитувањето на истите можат само да водат кон прогрес и плодна почва за развивање на дискусии и создавање на темели за партија која ќе се движи кон посветла иднина. Мојата почит кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ е голема и ќе продолжам гордо како Градоначалник на Општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да дејствувам во интерес на граѓаните, додава Јанчев.