Бледите и стерилни прес конференции на Заев не може да ја покријат трагедијата што и се случува на Република Македонија изминатите 14-тина месеци, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

-Трагедијата кулминира со вчерашното самоволие на парламентарното мнозинство кое одлучи да распише референдум без консултации со опозицијата во однос на најважното прашање од кое што зависи македонскиот идентитет, историја, традиција и култура. Власта одлучи да распише референдум за договорот со Грција без да го послуша размислувањето на 455.000 граѓани на Република Македонија кои се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“. Заев одлучи на сила да турка прашање кое е бесмислено и повеќезначно, само за да ја покрие капитулацијата во преговорите со Грција и прифаќањето на капитулантски договор со кој се исполнуваат грчките црвени линии и се прават отстапки какви што нема направено ниту еден политичар во историјата на Република Македонија – рече Јанушев