Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дел од правната фела реагираше на тоа што специјалната обвинителка вчера на распитот, во Oдделението за гонење криминал и висока корупција при Апелацискиот суд, беше придружувана од адвокатот Стеван Павлевски, кој наедно е и адвокат на осомничен во предмет што го отвори СЈО

Повеќе од четири часа вчера траеше распитот на специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева во врска со случајот „Рекет“, во одделението за гонење криминал и висока корупција при Апелацискиот суд, по што таа пред новинарите изјави дека не се чувствува виновна.
Јанева вчера во придружба на адвокатот Стеван Павлевски, кој истовремено е бранител на осомничениот во случајот „Империја“, Цветан Панделески, а чиј случај го отвори токму СЈО, се појави на распитот околу 10 часот, а давањето исказ го заврши нешто по 14 часот. Специјалната обвинителка, по излегувањето од распитот, изјави дека исказот го давала во својство на сведок.

– Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации – изјави кратко Јанева, одговарајќи на новинарски прашања.

Таа сепак потврди дека во Обвинителството се наоѓаат два нејзини телефона.
– Не знам дали истрагата ќе се префрли врз мене, тоа ќе ја прашате обвинителката – порача Јанева.

Јанева уште додаде и дека не знае каде е Орце Камчев, ниту, пак, дали во случајот „Рекет“ има инволвирано некој политичар. Не сакаше да каже ниту дали гласот од „бомбите“ за случајот „Рекет“ е нејзин, но категорично остана на ставот дека не се чувствува виновна во врска со овој случај.

Дел од правната фела реагираше на тоа што специјалната обвинителка беше придружувана од адвокатот Стеван Павлевски, кој наедно е и адвокат на осомничен во предмет што го отвори СЈО.

– Прво, проблематично е што воопшто е со адвокат, ама тоа е помалиот проблем.
Поголемиот проблем е што е со адвокат што е бранител на еден од обвинетите што таа го гони. Во согласност со законската дефиниција, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности. Зошто ни се случува ова? – прашува на Фејсбук адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска.

Претходните денови искази во Обвинителството за организиран криминал дадоа и специјалните обвинителки Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, како и обвинителот Бурим Рустеми.

За аферата „Рекет“ се огласи и влијателниот германски весник „Шпигел“, во кој под наслов „Корупциска афера во Северна Македонија – осомничена хероината на револуцијата!“ е раскажана сторијата за аферата што ја потресе државата.

– Хероината на револуцијата, обвинителката што важеше за симбол на реформите, симбол на правна држава, важеше како фигура во борбата за корупција, сега самата е вмешана во голем случај на уценување. Земјата на Балканот е потресена од аферата „Рекет“ и од фактот за инволвираноста на Јанева, која важеше за непоткуплива, за симбол за правда во државата – пишува „Шпигел“.

Истрагата за „Рекет“ во Јавното обвинителство ја води шефицата за организиран криминал Вилма Рускоска.

Засега единствените осомничени за случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и Зоран Милески, остануваат во притвор. Обвинителството ги товари двајцата за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а првоосомничениот Јовановски и за перење пари и други приноси од казниво дело.