Јавно и со директен пренос на Собранискиот канал на МТВ, собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата, во текот на вчерашниот ден ги интервјуира пријавените кандидати на огласот за именување претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

На огласот се пријавиле околу 60 кандидати, а интервјуата, заедно со пратениците, ги водеа претставници на Македонската академија на науките и уметностите, Интерпарламентарната унија и на здруженијата на граѓани што се занимаваат со борбата против корупцијата.

Роковите за избор на првиот состав на антикорупциската комисија, според новиот закон, се скратени за таа да се формира пред да почне кампањата за претседателските избори.

Како што е наведено во огласот, се избираат претседател на комисијата и шест члена со мандат од пет години, кои нема да имаат право на повторен избор. При изборот, според новиот закон за спречување на корупцијата и судир на интересите, ќе важат принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на еднаква родова застапеност.

Новиот закон за спречување на корупцијата предвидува за претседател и членови на ДКСК да не може да биде избрано лице што во последните десет години било донатор на политичка партија, пратеник или член на Владата. Наедно, новите членови мораат да имаат шестгодишно работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото и да имаат завршено правни, економски, политиколошки или комуникациски студии.

Инаку, во текот на изминатава година оваа комисија не функционираше откако пет од седумте нејзини членови под притисок на јавноста поднесоа оставки поради наводи за злоупотреби со патните трошоци.