Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Македонија јавниот интерес одамна е паднат на дното на табелата на општествените интереси. Пред него далеку на врвот се партискиот интерес и неприкосновениот интерес на „лидерот“, па интересот на различните групи и касти, интересот на меѓународната заедница или интересите на некои големи сили или, пак, интересите на соседите… Одвреме-навреме ќе се појави некоја светла точка во јавноста, како на пример некои препораки на ОБСЕ, кои обрнуваат внимание дека јавниот и поширокиот општ интерес се всушност фундаментот на демократијата во општеството и дека одговорноста на оние што се избрани на јавни функции, како што самиот збор кажува – е кон јавноста и граѓаните, низ демократски (не автократски) принципи, на кои треба да почиваат изборните закони, изборите и работењето на избраните. Во спротивно и понатаму ќе ни се случуваат автоголови „со петица“ и практикување „киднапирана демократија“ од страна на партиите, кои се етаблираа како неприкосновени креатори на општествен авторитаризам

Одговорноста на избраните е кон граѓаните, а не кон партиите или партиските лидери

Ниту по три децении самостојност политичките партии во земјава не успеаја да го достигнат нивото на политичка култура што го има во Европа, а кое без исклучок подразбира јавниот интерес секогаш да биде ставен на прво место, пред партискиот и сите други интереси, кои најчесто се од лукративна природа.
Кај нас јавниот интерес има второстепено значење затоа што партиите во најголем дел ја користат сета енергија за уништување на својот политички опонент, наместо политичката борба да се одвива преку спротивставување идеи и проекти како да се дојде до поефикасни решенија за проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Не помогнаа ниту многубројните препораки на ОБСЕ и другите меѓународни партнери давани со децении дека партиите мора секогаш да наоѓаат консензус околу клучните прашања што се во интерес на граѓаните, а политичката борба да ја сведат на аргументирано спротивставување на концептите во рамките на Собранието.
Во време кога државата се соочува со здравствена, економска и енергетска криза, да се гледа партискиот интерес е повеќе од несериозно и граѓаните со право се загрижени како ќе се справат со новиот бран на ковид-19, дали ќе го задржат работното место и дали ќе имаат доволно струја во зимските месеци. Ако на тоа се придодадат и акутните проблеми како корупцијата, нереформираното судство, лошото здравство и образование, загадувањето, тогаш сликата е поцелосна.
Сето ова е резултат на долгогодишно запоставување на општествените состојби поради постојаните партиски борби како да се дојде на власт, како да се партизираат институциите и да се наполнат во најголем дел со нестручни партиски кадри, наместо да се работи во интерес на граѓаните и државата.
Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи и расправии во јавноста околу тоа кој има, а кој нема мнозинство, се најдобар показател дека дури и во услови на три кризи истовремено, партискиот интерес повторно е најважен и од тоа не се отстапува по никоја цена.
Аналитичарите со кои се консултира весникот се скептични дека актуелните политички субјекти во земјава можат да ја променат ваквата состојба, односно да го стават јавниот интерес пред партискиот.

– Следејќи ја досегашнава речиси триесетгодишна практика, тешко можам да претпоставам дека нешто битно може да се промени на овој план, на планот на трговија и условување со пратеници и секакви коалиции. Тоа не значи дека во принцип не е можно и поинакво однесување на партиите, меѓутоа (повторувам уште еднаш) тешко може да се очекува од овие партии – вели универзитетскиот професор и филозоф Љубомир Цуцуловски.
Тој, анализирајќи го овој акутен проблем на македонската политичка сцена, излезот го гледа во новите генерации политичари што треба да се појават во иднина.
– Значи, мислам дека треба да помине уште многу време, да се родат нови генерации што ќе формираат сосема нови политички партии, кои навистина ќе бидат политички партии, а не како сегашниве, кои повеќе потсетуваат на интересни групи на граѓани отколку на вистински политички партии – констатира Цуцуловски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека партиите не можат да излезат од сопствената матрица за партиски бенефиции пред интересите на граѓаните.
– Работите што се случуваат со пратеникот од Беса, претходно со осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и некои други случаи во минатото, покажуваат во суштина дека пратениците работат за лични бенефиции. Кога требаше да се изгласаат работи поврзани со граѓаните, не се гласаа, се блокираше Собранието. Но кога требаше да изгласаат пари за партиите, тогаш народните избраници се состанаа и веднаш го решија тоа. Само се потврдува дека кога се работи нешто што е од јавен интерес, тогаш не можат да се договорат, но кога е за нивен личен интерес, веднаш седнуваат и се договараат. Ова покажува дека на некој начин станува збор за висококорумпирани пратеници, кои воопшто не гледаат на јавниот интерес, туку само ги гледаат личниот и партискиот интерес – нагласува Пекевски.
Според него, ова е резултат на немањето демократија во самите партии каде што лидерот ги има првиот и последниот збор.

– Партиите кај нас сè уште се султан-партии каде што се слуша само она што ќе го кажат лидерите. Во суштина, кај нас не постои демократија, туку постои диктатура. Дали автократијата била во партијата или во државата, не е толку важно. Ние немаме висока демократска свест, ниту, пак, сме високодемократско општество. Дури би ја поставил и дилемата дали сме воопшто демократско општество – анализира Пекевски.
Тој уште посочува дека со ваквото однесување целосно се погазува волјата на гласачите, кои сè помалку имаат доверба во гласачкиот процес.
– Местото на пратениците е во Собранието и тие мора да седат таму. Тие пратеници застапуваат одреден број граѓани и така треба да се однесуваат. Ако продолжат ваквите пазарлаци, тогаш ќе дојдеме во ситуација кога на избори освен партиското членство, повеќе никој нема да излегува. Најдобра потврда за тоа е нискиот одзив на последните избори во Бугарија. Тоа може и нам да ни се случи – предупредува Пекевски.
Во заедничкиот заклучок на повеќе соговорници е издвоена потребата од нов пристап на селекција и избирање на компетентни и конкурентни човечки ресурси, за почеток во политичките партии, низ демократски филтри. Второ, крајно време е технологијата на изборите, според соговорниците, да се иновира со нови законски модели за избирање на народните пратеници со отворени листи и една изборна единица, со што партиската централизација и авторитарното кадровско одлучување на сите нивоа ќе се отстранат бидејќи се рак-рана за секоја млада демократија. Кога граѓаните и електоратот ќе бидат во фокусот на избраните и кога тие со своите знаења, вештини и компетентност инстант ќе им излегуваат во пресрет на јавниот интерес и на граѓаните, тогаш со таа повратна спрега ќе има општествен просперитет. Во спротивно, како што велат соговорниците, и како што е сега состојбата, ќе продолжиме да стагнираме или, за жал, да тонеме.