Ѕе, с’нце, сонце

Преданијата усни, приказните на предците ни ги крепат јазикот, духот и мудроста. Човек треба постојано да пее/чита книги за да има бистар, богат со знаење ум. Цивилизацискиот код на македонскиот јазик, признаен од странската наука. Таков научен доказ ни презентира светскиот научник, рускиот славист проф. д-р Вјечеслав Иванов од Руската академија. Проф. д-р Чедомир Цветановски, професор по руски јазик на УКИМ, на техничките факултети во Скопје, бил студент на Филолошкиот факултет, на Катедрата по руски јазик и литература, на универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Во учебната 1965/1966, студент на курсот по Лекции на древната руска литература и јазик, кој го држи проф. д-р Вјечеслав Иванов. Професорот Иванов, роден во 1929 година во Москва, починал во 2017-та во Лос Анџелес.

Предавал на Московскиот државен универзитет во еден период, а потоа заминал во САД и предавал на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. Тој во коренот на древното „Дрво на светските јазици“ го класифицира македонскиот јазик. Таа класификација ја објавува во енциклопедијата „Вебстер“, во годините 1967/1968/1969 во Лондон. Македонскиот јазик нареден во индоевропските јазици од најстари времиња до денешни дни. Во последните векови македонскиот јазик го употребуваат: Македонците, Словенците, Србите, Хрватите, Бугарите, Полјаците, Чесите, Словаците, Русите, Украинците и Белорусите. Во ценетата енциклопедија „Вебстер“ е даден табеларен преглед по периоди на постоење и користење на најстарите јазици: германскиот, келтскиот, италијанскиот, грчкиот, македонскиот, иранскиот и индискиот.

Мајката нѐ раѓа. Мајката ни подарува живот. Детето го навестува тоа со плач, крик на раѓањето. Крик на животот. Гласот се претвора во мајчин збор, кај нас македонскиот мајчин јазик. Кога растеме се очовечуваме, стануваме од деца – луѓе. Мајчиниот збор духовно нѐ исправа, нѐ крепи да живееме во заедница на нашиот македонски род. Сега сум старец, патувам по патот на зајдисонцето. Зборовите ги запишувам на мајчиниот македонски јазик. Зошто ги запишувам сега?! За да не секнат како извор-вода. Ако секне зборот, паметењето за него, тогаш ние како пород, род македонски ќе исчезнеме од нашата мила татковина – Македонија, а и од дуњата/светот. Ако го немаме македонскиот јазик, ние сме исчезнат народ, што нема за него ни спомен.

Со сеќавањето, со пишаното се оттргнуваме од заборавот, зборовите напишани ќе останат жив приказ во нашите приказни од нашите предци. Колку се може! Пишаното од мене нека биде еден мал „свиток“, скромен „зборовник“ – на нашиот македонски мајчин збор: арслан/лав, абер/глас, алајка/слугинка, асли/сигурно, азно/богатство, алтан/златник, божигроб/Исусов гроб, б’лска/свети, сјае, биљки/цвеќе, бој, бојот/војна, веленце/ќебе, греж/јазол, гурбет/печалба, глендиса/виде, дуња/свет, дума/збор, древен/стар, дошика/разбра, даскал/учител, даскалица/учителка, ѓемија/брод, зема/земја, завали/за жалење, загна/затрча, загрна/прегрна, ѕе/сонце, ѕа/гледам, гледај, исан/свет, канон/закон, касмет/среќа, кивур/ковчег, сандак, кораб/брод, колај/лесно, кувет/сила, лаф/збор, ламја/змеј, мрша/тело, милва/сака, максус/намерно, мрамор/мермер, нунко/кум, ношја/ноќе, намуз/срам, најсетне/најпосле, одаја/соба, парадиз/рај, пее/чита, пеен човек/ учен, писмен човек, паланца/терезија, сполај/благодарам, свешта/свеќа, с’нце/сонце, синор/граница, соба/печка, тлсм/ѕвер од долниот свет, тимба/глава, фурчо/лесен во умот, фелка/парче, чупа/девојка, чендо/чедо, челад/деца… Понатаму му оставам на читателот според чуеното, разбраното да забележи понекој македонски збор, понекоја реченица од македонскиот мајчин јазик. Да го збогатиме и нашиот македонски народ.