По потпишувањето на Договорот од Преспа, Грција и ПЈРМ започнуваат нова ера на пријателство, соработка и стабилност, рече портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос , на денешниот редовен брифинг со новинарите и изрази убеденост дека Договорот ќе добие мнозинство во грчкиот парламент.

Паралелно, тој објасни дека преку зборови и обиди да сфатат граѓаните кај нас дека решението е во корист на двете земји, Грција ќе ги поддржи напорите што ги прави македонскиот премиер.

– Ние ќе ги поддржиме, со сите наши сили, обидите што ги прави господинот Заев да го ратификува договорот и потоа да ги заврши референдумот и уставната ревизија, онака како што е предвидено за да стапи во сила договорот, а потоа да го ратификува и грчкиот парламент, рече Ѕанакопулос. На прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа на кој начин грчката влада би ја поддржала македонската влада- вели дека „поддршката секогаш е преку зборови и преку обидите да ги убедиме граѓаните од соседната земја дека овој договор е во корист на двете земји“.

Ѕанакопулос упати остри критики до опозициската Нова демократија за ставот што го зазема во однос на договорот. Но и уште еднаш истакна дека опозициските партии во двете земји имаат идентични позиции, „играат на картата поделба меѓу наводни патриоти и наводни предавници“.

– Опозициите и од двете страни, договорот го сметаат за предавство. Од една страна Мицотакис ни вели дека оној што изврши предавство е господинот Ципрас, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев е националниот предавник. На крај кој е предавник? Никој не е национален предавник. Едноставно говориме за двајца лидери и две влади кои прв пат се движеа во насока на вредностите на соработката, на пријателството, на солидарност и на заеднички развој на Балканот и затоа решија еден спор што трае 26 години- рече Ѕанакопулос.

Грчката влада, според портпаролот, не чувствува дека постои политичка цена од договорот. Наспроти тоа, тие сметаат дека овој договор „ги обединува во целина демократските и прогресивни граѓани во насока на решавање на проблеми, а не во насока на создавање на проблеми“. Ѕанакопулос изрази убеденост дека ратификацијата во грчкиот парламент ќе помине без проблеми, а доколку е потребно, владата потоа може да побара и гласање доверба.

– Договорот, верувајте ми, ќе се ратификува од грчкиот парламент со проширено, патриотско и прогресивно мнозинство и доколку во продолжение е потребно, верувајте ми, грчката влада одново ќе добие глас за доверба за да го заокружи четиригодишниот мандат- објасни портпаролот на грчката влада и министер без ресор.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, за дописите што Атина треба да ги испрати до ЕУ и НАТО, Ѕанакопулос не даде јасен одговор, туку рече дека договорот предвидува јасни чекори што треба да се следат, а поканата за Македонија од Северноатлантската алијанса ќе биде под услов, кој ќе се отстрани откако ќе се заврши со референдумот и уставната ревизија кај нас.

На новинарско прашање за објавено видео на кое пратеникот од СИРИЗА со потекло од Лерин, Константинос Селацас, како што рече новинарката „се забавува на песна-химна на Егејските Македонци“, Ѕанакопулос одговори дека се наоѓаме во 2018 и сите грчки граѓани може да играат на каква музика сакаат, без да бидат критикувани за тоа.

– Оние што живееле во овие делови, знаат дека не станува збор за химна, туку за традиционална песна на која играле 90%, а може и 100% од грчките граѓани кои живеат во тие области- објасни Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, на денешниот редовен брифинг со новинарите, категорично ги демантираше информациите дека Грција за решавањето на името добила компензација за долгот .