Ѓонул Бајрактар, кој пред формирањето на техничката влада беше заменик министер за труд и социјална политика, ги презема овластувањата и одговорностите во раководењето со Министерството за труд и социјална политика. Ваквата одлука на Владата следува откако Собранието викендов ја разреши Рашела Мизрахи од функцијата технички министер.

– Согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа во делот 4 што го уредува раководењето со органите на државната управа и нивни меѓусебни односи, се вели дека заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето – соопштија од Владата.

Мизрахи беше разрешена на барање на техничкиот премиер Оливер Спасовски поради тоа што ексминистерката држеше прес-конференции пред табла на која пишуваше Република Македонија. Според Спасовски, Мизрахи не го почитувала Уставот и ги ставила партиските над државните интереси.