Искрено сакаме односите помеѓу Македонија и Руската Федерација да се унапредуваат успешно, конструктивно, во духот на соработката, заемното разбирање и рамноправноста. Русија се обидува да биде добар партнер, а како ќе се однесува Македонија, тоа е нејзино суверено право, изјави амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак, при неговата вчерашна посета на Прилеп, каде што беше одбележан Денот на победата над фашизмот.

– Русија и Македонија се две пријателски држави што се поврзани со вековни историски и духовни врски. Во голем дел имаме заедничка култура, во голем дел и заеднички јазик, заеднички духовни корени. Искрено, сакаме односите помеѓу Македонија и Руската Федерација да се унапредуваат успешно, конструктивно, во духот на соработката, заемното разбирање и рамноправноста. Во меѓународните односи многу се битни билатералните односи, а тоа е како улица со двонасочно движење. Како и за добро танго, потребни се напори на двајца. Русија се обидува да биде добар партнер, а како ќе се однесува Македонија, тоа е нејзино суверено право – рече Шчербак.

Амбасадорот Шчербак ги отфрли како пропагандни лаги обвинувањата дека Русија се меша во дел од земјите на Балканот за да не влезат во НАТО, како и во спорот за името меѓу Македонија и Грција.
– Во современиот свет се произведуваат многу лаги. Тоа е класичен пример на пропагандни лаги. Немам намера да отворам вистина за овие лаги, а на сите овие прашања одговорив минатата сабота во напис во весник – објасни Шчербак.
Што се однесува до тоа дали светот е на работ на нова студена војна, Шчербак рече дека тоа не е по иницијатива на Русија.

– Русија прави сѐ да го намали нивото на тензичноста во светот и дејствува да ја запре таа страшна антируска пропаганда што се шири во светот. Правиме сѐ обидите да се започне студена војна да згаснат и да не преминат во „жешка“ војна – рече амбасадорот.