Фото: Дарко Андоновски

За политичките аналитичари, денешниот 15 октомври е веројатно вториот ден Д, по референдумот на 30 септември, кога ќе се види дали во Собранието има мнозинство од 80 пратеници или ќе се оди на нови избори

Ако 30 септември беше денот Д што се однесуваше на македонската политичка иднина и перспективите во однос на нашите евроатлантски интеграции преку прифаќање на спогодбата со Грција, петнаесет дена подоцна се чини Македонија е исправена пред нов предизвик и се соочува со уште еден ден Д на 15 октомври.
И додека резултатите од референдумот на 30 септември се веќе познати (официјалниот став на ДИК е дека референдумот е неуспешен поради слабиот одзив и немањето цензус), власта, пак, се повикува на бројката од 600 илјади граѓани што гласаа на референдумот, од кои околу 90 отсто гласа „за“. Тоа е и причината власта да се впушти во процедура за уставните измени, кои по неуспешниот референдум, сега треба да ги донесе Собранието, што открива нова доза неизвесност. Во согласност со законот, уставните измени се гласаат со двотретинско мнозинство, кое власта го нема, но изминатите денови се обидува да го обезбеди. Во партиските штабови е максимално динамично, напнатоста расте, а со свои сугестии и препораки се вклучија и меѓународната заедница и невладиниот сектор.

За политичките аналитичари денешниот 15 октомври е веројатно вториот ден Д, по референдумот на 30 септември, кога ќе се види дали во Собранието има мнозинство од 80 пратеници или ќе се оди на нови избори.
Во јавноста со свои апели на оваа тема излегоа претставниците на меѓународната заедница, како и видни актери на домашната политичка сцена. Во интервју за МИА, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини изјави дека договорот со Грција е шанса што може да не се повтори и додава дека ги разбира чувствителностите и комплексната историска заднина на спорот, како и изразените загрижености.

– Спорот не постоеше толку долго без причина, меѓутоа, како што видовме во минатото, колку повеќе минува времето, толку е потешко да се најдат решенија. Преговарачкиот процес мора да бил болен, а резултатот е компромис. Но е компромис со кој успешно се исполнуваат клучните интереси на двете страни. Нашата позиција е јасна: ЕУ целосно го поддржува постигнатиот договор. Ова е уникатна можност за помирување на Западен Балкан, која можеби нема да се повтори – вели Могерини.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи пред членовите на Централниот комитет на СИРИЗА, рече дека договорот од Преспа е единствената и незаменлива можност за двата народа, нема алтернативни решенија за членство на соседната земја во НАТО и ЕУ.

На актуелните случувања викендов во интервју за грчкиот весник „Та неа“ се огласи и премиерот Зоран Заев, кој истакна дека не постои подобар договор од актуелниот и изрази надеж дека пратениците ќе ја почитуваат волјата на граѓаните што гласаа на референдумот.

Заев за грчките новинари истакна дека е време Балканот од буре барут да стане извор на стабилност. Во пресрет на гласањето за уставните измени, премиерот вели дека исполнувањето на визијата за иднината на земјата, поддржана од мнозинството граѓани на референдумот, сега е во рацете на секој член на Собранието.
Во јавноста во видеообраќање се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој побара од премиерот Заев и неговата влада да си заминат од власт, обвинувајќи ги за, како што рече, целата општествена, економска и политичка криза во која влегува Македонија.

Тој уште еднаш потсети дека Владата, Собранието и секој пратеник ја имаат одговорноста да работат и да дејствуваат во со согласност со волјата на народот, а волјата на народот, според него, е јасна и недвосмислено изразена на референдумот.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која, пак, порача дека Собранието и политичките лидери сега треба да донесат одлука во врска со натамошните перспективи на земјата.

– Кога такви прашања доаѓаат во Собранието, пратениците имаат одговорност да ги стават интересите на земјата пред сѐ друго – вели Која, нагласувајќи дека успехот на земјата во постигнувањето договор со Грција во врска со долготрајниот спор е многу позитивен пример за целиот регион.

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, во Вашингтон оствари средби со Вес Мичел, помошник-секретар за Европа и евроазиски работи, со неговиот заменик Метју Палмер и со Јан Ерик Суротчак, новиот директор на ИРИ за трансатлантска стратегија. Ѓорчев ги информирал соговорниците за актуелната политичка состојба во Македонија по завршувањето на референдумот од 30 септември, истакнувајќи дека граѓаните го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и ЕУ, но имаат голема недоверба кон политиките на Зоран Заев.

Фото: Дарко Андоновски

Македонски манифест со јавно обраќање до пратениците

Со јавно обраќање до македонските пратеници во Собранието по повод претстојното гласање за Преспанскиот договор се огласи и Македонскиот манифест. Од ова здружение им порачуваат на пратениците да бидат храбри и достоинствени и да му кажат не на геноцидниот договор, како што стои во дописот.

– Во овој пресуден миг за македонското постоење како име и идентитет, како култура и цивилизација, подигнете го повисоко од половина копје знамето на својата самопочит, застанете цврсто во своето идентитетско јас, осведочено и озаконето во херојската саможртва за таа цел на вашите предци и прапредци. Застанете и во име на идните генерации Македонци што се зачнуваат сега, во овој миг, утрешниот ден и во идните столетија. Оние што доаѓаат од иднината и на кои треба да им ги одбраниме името и идентитетот, ние припадниците на оваа генерација, која нема право да биде предавничка, полтронска и безлична. Ние сега сме на работ, во ситуација да бидеме или храбри, или кукавици, или стамени родољуби, или предавници на родот, а со тоа и на себе.

Пратеници, како од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, така и од СДСМ, бидете чесни за да не ве плукаат и презираат засекогаш, до крајот на времето, идните поколенија на овој народ, кои ќе се срамат од вас доколку го сторите овој злосторнички чин.
Разбудете ги во вас својата свест и совест – се вели во дописот на Македонски манифест.
Оттаму уште додаваат дека од пратениците и нивната совест, сега зависи идентитетската судбина на македонскиот народ: дали мемориски ќе се избрише тој од цивилизациските текови на човештвото, или ќе се одбрани и понатаму ќе продолжи да опстојува во своето автентично исконско Име и идентитет. Размислете, се вели на крајот од текстот.