На прашањето што ја одредува нашата судбина, некои мислители ќе тврдат дека таа е надворешен производ на божествената волја, други, внатрешно прашање на самоопределување, додека за физичарите, судбината e сосема друго – физички процес што се опишува со равенки. Равенките на Ајнштајн, во принцип, дозволуваат ширење, собирање, па дури и осцилирање на универзумот. Универзум е целата постојна материја и простор разгледани како целина, космосот. Се верува дека универзумот има дијаметар од најмалку 10 милијарди светлосни години и содржи огромен број галаксии, а се шири од своето создавање во Големата експлозија (на англиски Big Bang) пред околу 14 милијарди години. Гравитационата сила, што ги привлекува галаксиите едни кон други, се спротивставува на ширењето на вселената, со тенденција ширењето да се забави. Меѓутоа, во 1998 година, астрономските мерења на два големи истражувачки тима, покажаа, неочекувано, дека ширењето на универзумот не се забавува, туку се забрзува. Тоа на водачите на двата тима во 2011 година им донесе Нобелова награда по физика. По тој повод, Кралската шведска академија на науките изјави: „Скоро еден век, се знае дека универзумот се шири како последица на Големата експлозија пред околу 14 милијарди години. Сепак, зачудува откритието дека ширењето се забрзува. Ако ширењето продолжи да се забрзува, универзумот ќе заврши во мраз“. Единствен начин ширењето на универзумот да се забрзува е да се претпостави дека има нешто што го забрзува него, или, со други зборови, да се претпостави дека просторот се раздвојува од некаков вид енергија, што дејствува обратно од гравитација.

Физичарите прифатија таа енергија да се нарече „темна енергија“. Дотогаш, до ова откритие, се чинеше дека универзумот има две можни иднини. Прво, да се шири засекогаш, побавно и побавно, но никогаш да не запре, или, второ, ширењето да запре, па потоа да почне обратниот процес што ќе резултира во враќање во првобитната состојба, сценарио познато како Големата криза (на англиски Big Crunch), настан потенцијално проследен со повторно формирање на универзумот, преку Големата експлозија. Темната енергија упатува на поинаква иднина. Астрономските набљудувања покажаа дека ширењето на универзумот се забрзува, што сугерира дека е многу поверојатно универзумот да заврши со топлинска смрт или Големо растргнување (на англиски Big Rip). Оваа состојба, еден од добитниците на Нобеловата награда по физика за 2011 година, ја опиша како „вечност, но тоа е ништожност во исто време.“
Не навлегувајќи подетално во космологијата, иако темата е предизвикувачка и се разбира ова не е крај на приказната, мене, а се надевам и на повеќето читатели на „Нова Македонија“, нѐ интересира прашањето за судбината на Македонија. Не би сакал нејзината судбина да зависи од одлуките на неколкумина безлични, алчни, корумпирани и нарцисоидни политичари. Во 1675 година, шпанскиот свештеник по име Мигел де Молинос (Miguel de Molinos, 1628-1696) објави прирачник за молитва наречен „Духовен водич“, кој стана моментален бестселер, а беше преведен на повеќе јазици, имајќи многу печатени изданија. Во прирачникот, авторот ја советува секоја христијанска душа дека треба да „се намали до својата ништожност… без да внимава, размислува или разбира за некоја разумна работа“. Последните неколку години, се чини, дел од нашите интелектуалци, професори, и политичари, го користеа токму овој прирачник за клучните прашања во врска со иднината на Македонија, па така, тие се сведоа „до својата ништожност“ воопшто не размислувајќи за македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

За среќа, последниве неколку месеци, работите се придвижија во позитивна насока, не меѓу властодршците, туку меѓу интелектуалците, професорите и обичниот народ. Денес, би сакал да проговорам за еден таков настан – меѓународниот научен симпозиум „Конески и книжевната наука“, кој се одржа на 1 и 2 јуни 2021 преку платформата Зум, во организација на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. На симпозиумот учествуваа академици, професори од повеќе држави и студенти. На симпозиумот поздравна реч имаше ректорот на УКИМ, професор Никола Јанкуловски, додека, во мојата поздравна реч, дадов кус осврт на состојбите во нашето општество. Притоа, спомнав дека пред 20 години, по повод 80-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, Матеја Матевски, тогаш претседател на МАНУ, напиша дека песната „Послание“, „сублимирајќи ги искуството и мудроста на вековите во сопствената мудрост, станува филозофска поука дека сè си оди, заминува во времето, но тоа што останува и трае, тоа е земјата, луѓето нејзини во постојана обнова.“ Загрижен за моменталните состојби, посебно за она што денес се случува во Македонија, а за што исклучиво се виновни (дел од) македонските интелектуалци и политичари, во поздравната реч, потенцирав дека последните строфи од „Послание“, имено „Сето е предвидено – / ние си одиме, / а земјата останува“, всушност, предупредуваат дека можеби ние, Македонците, си одиме засекогаш, дека, за жал, македонскиот идентитет исчезнува. Заради тоа, заклучив дека синтагмата „Македонци од сите припадности обединете се“ е насушна потреба.

Симпозиумот беше еден од оние настани што ќе биде запаметен засекогаш, не само во мислите на сите учесници туку тој ќе биде круцијален дел од научната историја на Македонија. Влогот на сите учесници, особено на проф. д-р Кристина Николовска, раководителка на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, во симпозиумот, во коневистиката и во македонистиката беа и ќе останат засекогаш непроценливи и скапоцени. Симпозиумот ги оправда и охрабри чистите идеали на науката и, со својата енергија, јасна визија и сосема чисти намери, ги поттикна сите учесници да се надеваат на подобро утре. Таква енергија ни требаше и од симпозиумот го добивме тоа. Симпозиумот покажа дека македонистиката нема никогаш да се сведе на ништожност.
За жал, трите документи, имено, Бугарскиот договор (2017), Преспанската спогодба (2018) и промената на Уставот (2019), заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот од најмалку две причини: прво, за многу експерти трите документи се нелегални, а секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални документи е осудена на пропаст и, второ, македонскиот јазик, денес, во овој момент, е сведен на ништожност. Имено, иако многумина нѐ убедуваат во спротивното, фактите се неоспорни и неумоливи, па така, денес, за Бугарија македонскиот јазик е „македонска литературна норма“, а за нашите стратегиски сојузници „северномакедонски јазик“. На Македонија не ѝ се потребни уцени и закани, од каква било форма и од кој било, туку реформи, за што веќе подолго време пишувам во „Нова Македонија“, реформи, кои ќе донесат стабилно општество со европски вредности. Судбината на Македонија не треба да е детерминирана од геополитичките игри на големите сили.

Македонија е достоинствена држава, па така нејзината судбина треба исклучиво да биде во рацете на нејзините граѓани, кои треба со сите сили да се спротивстават на обидите македонскиот идентитет и македонскиот јазик да се претворат во ништожност. Според Кралската шведска академија на науките „Наодите на лауреатите на Нобеловата награда за физика во 2011 година помогнаа да се открие универзум што во голема мера е непознат за науката. И сè е можно повторно“. Нашата судбина треба да е детерминирана од достоинството, не од ништожноста, па така, се надевам, „сè ќе биде можно повторно“ и за Македонија.