Фото: Игор Бансколиев

Според министерот Димитров, процесот е во една деликатна фаза. „Фокусирани сме токму на овие разговори и се надевам дека духот на нашиот бисер Охрид, каде што се одржува токму оваа рунда, ќе ни помогне“, рече тој

Дописот во форма на писмо на посредникот на ОН Метју Нимиц до Грција и до Македонија во кое тој ја опишува актуелната ситуација во преговорите за наметнатиот спор за името, односно точките за кои има согласување и точките за кои има разлики, а биле формулирани за време на последните преговори во Виена, ќе биде појдовна точка од која ќе почне новата рунда разговори меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји денес во Охрид.

Информацијата за писмото што го испратил Нимиц кај шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, пред денешната нивна средба ја објавија неколку грчки медиуми меѓу кои весникот „Катимерини“, радиото Атина 984 и информативниот портал „Њуз 247“, повикувајќи се на свои извори. Во недостиг од официјални податоци од Министерството за надворешни работи на Република Македонија до последен момент не беше јасно што сѐ содржи во писмото на Нимиц што денеска на масата ќе биде појдовен аргумент за двете страни. Грчкото МНР вчера, ниту ја потврди ниту ја демантира веста во грчките медиуми дека Нимиц испратил допис до Димитров и до Коѕијас.

Сепак, според пишувањата во грчките медиуми, опсегот на употреба на името, односно грчкото барање за ерга омнес и ревизија на македонскиот Устав се неопходните предуслови што Атина преку Коѕијас денеска ќе ги бара за постигнување решение. Според истите грчки извори, критични точки на преговарачката маса во Охрид ќе бидат идентитетот и јазикот. Овие четири прашања, според текстовите во грчките медиуми, се главните разлики што постојат во позициите на двете земји во пресрет на новата средба на двајцата министри за надворешни работи. Милан Стефановски, политиколог и познавач на проблематиката, е скептичен за можен напредок на Македонија во НАТО без конечен договор.

– Доколку денеска се постигне некаков договор со кој би се затворило прашањето за името, а во кој во одредени одредби од тој договор е наведено дека треба за одреден временски период да бидат спроведени, тогаш да, би можело нешто да се случи. Но доколку нема конечен договор и по оваа трета рунда разговори, тогаш не верувам дека можеме да очекуваме во блиско време какво било одблокирање од Грција – вели Стефановски.

Во меѓувреме министерот за надворешни работи Никола Димитров во пресрет на денешната средба се надева дека „духот на македонскиот бисер“ ќе им ги олесни тешките и темелни разговори, кои, како што вели, влегуваат во деликатна фаза. Од оваа фаза од преговарачкиот процес, која министерот за надворешни работи Никола Димитров ја нарекува деликатна, тој очекува тешки и темелни разговори, но и прогрес. Пред формалната средба во Охрид, Димитров вели дека однесувањата на двете засегнати страни сигнализираат дека процесот е во деликатна фаза.

– Прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира очекувам темелни разговори, се надевам на прогрес, мислам дека однесувањето и на Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот, сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и духот на тој наш бисер се надевам дека ќе ни помогне – изјави Димитров.

И неговиот грчки колега Никос Коѕијас, кој во Охрид доаѓа веднаш по посетата на Белград, е оптимист за претстојната средба од која, како што изјави, очекува позитивни резултати.

– Мислам дека клучот на овој проблем се реализам, прагматизам и разбирањето дека треба да направиме компромиси, но не трули компромиси, туку такви од кои ќе добијат и двете страни. Компромисот значи дека двете страни треба да разберат дека не можат да добијат сѐ, туку секоја страна треба нешто да добие. Јас се надевам дека двете страни ќе го сфатат тоа и дека ќе имаме позитивни резултати – изјави Коѕијас во Белград. Инаку на последната рунда разговори на двајцата министри и посредникот Метју Нимиц во Виена, која траеше повеќе часови, Нимиц оцени дека има напредок, но и тешкотии што треба да се надминат.

Димитров, пак, изјави дека се разговарало за целиот пакет прашања, а напредокот го оцени како условен. На оваа средба, пак, ѝ претходеше уште една рунда разговори во Скопје, по која двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение што ќе биде достоинствено и чесно за сите. Димитров тогаш истакна дека слеано име не е најдостоинствено решение.

Премиерот Зоран Заев, пак, претходно, во интервју за домашните медиуми изјави дека имало позитивен исчекор во Виена и верува дека ќе биде заокружен на следната средба меѓу министрите Димитров и Коѕијас. Во друга пригода, пак, истакна дека можеби е единствениот оптимист дека прашањето за името ќе се реши. Како и да е, тешките одлуки не смеат да бидат на штета на наци­оналните интереси на Маке­донија, бидејќи на наша страна е најси­лното оружје, а тоа е меѓу­на­родното право, односно правото на само- определување.