Фото: Игор Бансколиев

Што се промени во Македонија по шест години од почетокот на објавувањето на таканаречените „бомби“? Дали сѐ што претходно беше посочувано како недостиг и мана се смени или работите останаа исти, па и полоши? Која е разликата од режимот и заробената држава, како што претходно беше окарактеризирана државата, од хибридниот режим и високата корумпираност, како што сега се перципира Македонија во очите на домашната и меѓународната јавност?

ШЕСТ ГОДИНИ ПО ОБЕЛОДЕНУВАЊЕТО НА ПРИСЛУШУВАНИТЕ АУДИОМАТЕРИЈАЛИ

Активирањето на таканаречените „бомби“ пред шест години обичните граѓани го доживеаја како своевиден обид државата конечно да почне да расчистува со корупцијата, со организираниот криминал, со изборните измами, со разните злоупотреби на службената положба и овластување, што ќе донесе една подобра и посветла иднина за сите.
Шест години подоцна, земјата повторно се перципира како хибриден режим, корупцијата е длабоко вкоренета во сите сфери, судството никако да се ослободи од политичките стеги, партиските вработувања продолжуваат, реформите никако да започнат, а животот на граѓаните од ден на ден станува само полош.
Разочараноста може да се забележи и преку масовното иселување од земјава, процес што добива драматични размери, најмногу поради состојбите во државата, кои никако да тргнат на подобро.
Многумина од оние што се надеваа дека „бомбите“ ќе помогнат да се расчисти со едно владеење, сега се соочуваат со слични или исти состојби поради кои претходно сакале промени.
Дополнително загрижува што и по шест години не се знае кој сè располага со аудиоматеријалите од таканаречените „бомби“, во кои добар дел се од приватна природа, така што не се исклучува можноста со тие материјали и во иднина да бидат уценувани многу политичари, бизнисмени, но и обични граѓани.
Едноставно кажано, Пандорината кутија беше отворена пред шест години, а „бомбите“ и натаму останаа средство за политичка пресметка.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека шест години по „бомбите“ се случиле само мали козметички промени во државата.
– Морам да кажам дека нешто се има сменето во државата, но не толку колку што можеше да биде сменето и не толку колку што очекувавме дека ќе биде сменето. Има видливи промени, се прават обиди за излегување од одредени и постојани начини на дејствување, меѓутоа промената сè уште е на ниво на козметика, а не на суштински системски поинаков начин на дејствување – вели Најчевска.
Според неа, има мало придвижување, но тоа се одвива премногу бавно и на тој начин не може да се фати чекор со развиениот свет.
– Во основа, проблемите и со непотизмот и со непрофесионализмот и со партизацијата најмалку се променија. Ако продолжиме вака, цело време ќе бидеме на опашката – констатира професорката Најчевска.
Социологот Илија Ацевски смета дека за овие шест години практично ништо не се сменило.
– По шест години од „бомбите“, имам чувство дека практично ништо не се промени. Попозитивен момент е што се отвораат дебати за некои теми, но некаков ефект што ќе доведе до промени на состојбите нема. Сè е некако условно демократски, но нема ефект, не ја чувствуваме промената. Дури сега настанува и едно двојно разочарување, особено кај оние што многу се надевале, а не добиле ништо од тоа. Ако вие не повлечете некаков многу порадикален чекор на промена, разочарувањето е многу поголемо – вели Ацевски.

Тој додава дека власта не повлекла еден чекор од нејзин аспект за подобрување на состојбите и во судството и во образованието и во другите сфери.
– Сето она на што претходно се посочуваше како недостиг и мана не се смени и затоа ние тоа го доживуваме како уште поголемо разочарување. Сега нема трета опција на која народот во земјава би ѝ верувал, така што разбирливо е разочарувањето. Затоа по шест години се прашуваме каде сме и на што сме – нагласува Ацевски.
Според него, за овие шест години се испумпала една голема енергија од народот и потоа настапува период на незаинтересираност, што во суштина, како што вели Ацевски, на партиите им одговара.
– Поради таа разочараност луѓето повеќе не излегуваат ниту на гласање, бидејќи нема за кого да го дадат својот глас – појаснува Ацевски.
За првиот човек на Институтот за демократија, Марко Трошановски, показател дали работите тргнале на подобро се разврските на случаите почнати од некогашното СЈО.
– Единствено мерило е колку случаи што ги започна СЈО се решени од судовите. Кој ќе веруваше дека по шест години од тој скандал нема да има никаква одговорност, т.е. дека сѐ ќе се сведе на одговорност за набавка на автомобил. Неказнивоста за најголемите злоупотреби од независноста ја чинеше и ја чини многу владејачката партија, но најлошо е што довербата во институциите е урнисана. Без неа немате држава – истакнува Трошановски.
Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека нема битни поместувања во она што беше главен предмет на бомбите и очекувањата на граѓаните.

– За жал, нема битни поместувања во она што беше главен предмет на бомбите и очекувањата на граѓаните – борба против корупцијата, разоткривање на криминалот (претставен преку фразата „заробена држава“) и надоместување на штетите наводно направени од претходната влада (или како што се велеше во кампањата со бомбите – режимот). Ниту се постави бројчаникот за броење на вратените пари, ниту пак, уште полошо, се вратија некои пари. Сѐ се сведе на 1-2 уплати/наплати на вредност под еден милион евра и неколку пресуди без финансиски реперкусии (а да се потсетиме, процените тогаш одеа од 500 милиони „украдени“ пари до 5 милијарди евра) – вели Кржаловски.
Тој потсетува дека речиси нема луѓе од претходната владејачка гарнитура во затвор, а сè повеќе има коруптивни случаи во јавноста за оваа влада.
– И наспроти тоа, допрва Владата ќе прави акциски план за „одлучна“ борба против криминалот и корупцијата. А поминаа шест години, од кои речиси четири се на власт – појаснува Кржаловски.
Според него, гледано од аспект на економијата, дури има и уназадување.