Мноштво различни сценарија и хипотези беа пласирани деновиве од високи и добро информирани извори околу вистинските причини за француското противење за доделување датум за Македонија. Можно ли е повторно врз грбот на Македонија да се прекршуваат редица сериозни европски прашања и дилеми, односно Македонија да се користи како алатка за нечие подобро позиционирање или обезбедување влијание во самата ЕУ

Франција и натаму останува на тврдиот став да го блокира одредувањето датум за почеток на пристапните преговори за членство на Македонија и на Албанија со Европската Унија, образложувајќи ја својата позиција со потребата од реформа на политиката за прием на нови членки.

Париз смета дека Унијата се соочува со премногу предизвици со уште две држави од Балканот, регион што сè уште ги чувствува последиците од војните на територијата на поранешна Југославија и кој води борба со криминалот и корупцијата.

Но се наметнува дилемата дали навистина Македонија и Албанија се толкава закана за Европа, ако се земе предвид фактот дека сега се одредува само датум за почеток на пристапните преговори, кои може да траат и повеќе од една деценија што е сосема доволно време Унијата да се консолидира однатре или, пак, зад француската блокада се кријат некои други планови и интереси.

Токму изминатиот период редица влијателни аналитичари укажуваат дека зад тврдиот став на Франција во однос на Македонија, всушност, се крие намера за политичко пазарење на Макрон. Или со други зборови, врз грбот на Македонија Макрон сака да издејствува одредени концесии за себе или за сопствената држава.
Некои тоа го објаснуваат со намерата на Франција да наметне лидерската позиција во ЕУ по излезот на Велика Британија, додека има тврдења дека во игра се и финансиски интереси и концесии, кои Париз настојува да ги обезбеди за себе.
Францускиот претседател Емануел Макрон веќе покажа дека има сериозна намера да ја креира Европа според сопствените замисли, а се чини дека единствена пречка во овој момент му е германската канцеларка Ангела Меркел, чија визија за ЕУ е нешто поинаква.

Макрон од стапувањето на претседателската функција во 2017 година влече потези за да доминира и да се наметне како водечки лидер на европската заедница на народи. Во тој контекст може да се сфати сега веќе извесната работа – повлекувањето на главната фигура на европската политичка сцена, германската канцеларка Ангела Меркел во 2021 година, како што и самата најави. Просторот за нов лидер е отворен.
Ова особено можеше да се забележи за време на посетата на Макрон на Србија летоска, од каде што преку невообичаено жесток говор порача кој всушност ќе ги влече конците во Европа, но и на Балканот.

Определбата на Макрон за посилна улога на Франција во идното редефинирање на изгледот на ЕУ го одреди текот на кампањата за првиот претседателски мандат, а многу веројатно е дека тоа ќе биде темата и во кампањата за неговиот реизбор. Од тие причини можеби и не треба да изненадува ставот на Франција да спречува нови проширувања.

– Ја споделувам истата геополитичка и стратегиска визија со германската канцеларка. Сакам да испратам позитивен сигнал до овие лидери, но сериозно погледнато сега јас морам да им порачам: „Овој пат нам ни е потребно малку повеќе време за да ги средиме работите“ – истакна Макрон на завчерашната заедничка прес-конференција со Меркел по заедничката владина седница на двете земји во францускиот град Тулуз, коментирајќи го одбивањето да се додели датум за Македонија и за Албанија.

Некои од аналитичарите во земјава сметаат дека Макрон всушност промовира една сосема нова француска политика во рамките на Унијата, но и кон Балканот.
– Неоспорно е дека во мотивите на Макрон против проширувањето има и дел поврзан со неговите амбиции да стане главен лидер во Унијата. Британија е надвор, Меркел си оди и тој веројатно смета дека неговото време доаѓа. Меѓутоа, наивно е да се размислува дека Македонија и евентуално Албанија се начин на кој се вршат некакви пресметки меѓу ЕУ-лидерите – оценува поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Според него, станува збор за нова француска политика во рамките на Унијата, но и на Балканот.

– Да потсетиме дека мотивот на Макрон против проширувањето е потребата од длабока реформа во Унијата и тој е сосема во право. Се работи за отпор против приемот на нови членки од страна на Французите, Германците и другите главни членки, а тоа ниеден одговорен политичар не може да го игнорира – смета Никовски.

Тој додава дека токму најавите на францускиот претседател за нови политики и ангажмани кон Балканот, всушност, значи дека примањето нови членки нема да дојде бргу на ред.
Познавачите на состојбите во регионот сметаат дека ваквиот став на Макрон е само подобро позиционирање на Франција во рамките на ЕУ.
– Макрон сака внатрешниот општествен јаз околу ЕУ да го претвори во единствено барање за нејзина реформа. Отворена е дебата за ЕУ во доменот на структурните, социоекономските, безбедносните и монетарните прашања. Од тие причини можеме да заклучиме дека и покрај лидерската улога на Германија, иницијативата на Макрон за последица има помоќен француски глас по прашањето на насоката и темпото на движење на ЕУ, вклучувајќи ја улогата во политиката на проширување – сметаат некои од регионалните аналитичари.
Токму тука можеби се крие мотивот за француската блокада, преку пазарење да се издејствува подобра позиција за клучни работи во кои Франција сака да добие доминантна улога, а проширувањето го користи како алатка за постигнување на таквата цел.

– Франција може да го промени својот став на самитот само доколку се оствари хипотетичкото сценарио за размена, односно Германија да ги прифати француските идеи за реформи во еврозоната – пишува „Еуроактив“, повикувајќи се на внатрешни извори.
Очекувањата се дека неизвесноста околу датумот за Македонија ќе биде присутна до последен момент, а жртвата што досега ја понесе земјата не е вредна за ниту едно пазарење, па макар тоа го правел и некој европски лидер.


Макрон сака заеднички буџет

Францускиот претседател Макрон од доаѓањето на власт заговара реформа на еврозоната, а главната идеја е заеднички буџет, но неговата замисла наидува на огромни отпори и малку е веројатно дека ќе биде постигнат компромис.
Имено, отпорот кон оваа идеја на Макрон е многу голем, иако Париз и Берлин постигнаа некаков начелен компромис. Во последниот предлог беше појаснето дека не станува збор за целите државни буџети на земјите-членки, туку за одреден износ, кој потоа би се влевал во буџетот на еврозоната и кој би го надгледувале сите министри од земјите од монетарната унија.

Оваа благајна е замислена и како „стабилизирачки елемент“ во време кога државните благајни не се толку полни, што посебно им пречи на некои членки на еврозоната. Холандија досега одбива каква било идеја за заеднички буџет.
Се разговара и за Европскиот механизам за стабилност, што би требало да стане нешто како европски Меѓународен монетарен фонд. Тука Франција сака Европејците да не мораат да трчаат во ММФ за да обезбедат програми за помош за европските држави во криза.


Меркел: Мораме да опстоиме на дадените ветувања

Германската канцеларка Ангела Меркел, во вчерашното обраќањето во Бундестагот во пресрет на самитот на ЕУ, порача дека на Македонија и на Албанија треба да им се даде датум за почеток на преговори со Европската Унија.
– Мораме да опстоиме на дадените ветувања кон овие две земји. Ние имаме одговорност кон нив и мислам дека се исплаќа да им се даде европска перспектива на Северна Македонија и на Албанија. Во меѓувреме се изградени мостови кон ЕУ-партнерите, кои сѐ уште имаат задршки за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија и инсистираат на поголема транспарентност на процесот за проширување. Сепак, шансите за постигнување согласност на самитот на ЕУ не се добри – нагласи Меркел.