Европските избори се на повидок. Според многумина, одбројувањето за најважните избори во историјата на Унијата, кои треба да се одржат некаде на крајот од месецов, веќе е почнато, а исходот од нив ќе го отслика новиот сооднос на силите на политичките формации внатре во ЕУ, кои директно или индиректно ќе имаат влијание и врз евроинтегративниот процес на земјава. Ваквиот заклучок деновиве се наметнува во домашната стручна јавност, особено откако кампањата за избор на претставници во Европарламентот во соседна Грција се вжештува.

Како една од главните теми во кампањата во соседството што се однесуваат на надворешната политика е токму Преспанскиот договор, но и заканите за блокирање на процесот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, токму од лидерот на грчката опозициска конзервативна партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, кој, според анкетите, е всушност и новиот премиер на Грција.

Како што пишува електронското издание на „Катимерини“, лидерот Мицотакис, чија партија се спротивставуваше на договорот од Преспа, вели дека иако договорот не дозволува Грција да стави вето на почетните преговори за пристап со ЕУ на Северна Македонија, тој ќе се бори со сите сили тоа да го направи и наедно нема да дозволи соседната земја да го монополизира брендот Македонија и Македонец. Како што наведува „Катимерини“, Мицотакис во исто време побара и оставка од Ципрас во случај на пораз на европските избори што се одржуваат на 26 мај. Ваквите бранувања во соседството во пресрет на евроизборите, според експертската јавност, јасно навестуваат дека во фокусот во завршетокот на кампањата во Грција главна тема ќе биде прашањето за името, како и договорот од Преспа, кои повторно се во игра, се разбира од различна диоптрија на онаа кај нас што беше за претседателските избори.

Според одредени мислења, токму на ова прашање може да се темели и целата изборна стратегија за настап на тамошната опозиција, која во исто време македонските власти многу треба да ја следат и да бидат информирани. Истовремено во домашната јавност се наметнува и дилемата што треба да очекува Македонија од евроизборите, но и како исходот од нив би влијаел на земјава. Поранешниот дипломат и познавач на состојбите во ЕУ Ристо Никовски вели дека исходот од евроизборите ќе ни биде показател како Брисел ќе се однесува кон нас во иднина, односно дали ќе се забави или забрза процесот за влез во Унијата.

– Европските избори се исклучително важни и за самата Унија и за Македонија. Веќе е сосема јасно дека по нив Унијата нема да биде истата, дека ќе зајакне евроскептицизмот и дека вратите за проширување ќе бидат сериозно стеснети.

Директно тоа се рефлектира и врз Македонија и мораме да бидеме свесни дека нашето членство во Унијата е долгорочна приказна. Изборите имаат силни рефлексии врз Грција и бранувањата што се таму директно ќе влијаат и на македонските европски аспирации. Не треба да биде спорно дека грчката опозиција, која наскоро ќе дојде на власт, ќе биде силен кочничар на македонскиот напредок кон Брисел – оценува Никовски.

Поинаку размислува пензионираниот професор по меѓународна политика Лазар Лазаров, кој смета дека кога станува збор за тоа дали Македонија во јуни ќе го добие датумот за почеток за преговори со ЕУ, без оглед на исходот од евроизборите, сите политичари и оние од власта но и од опозицијата и во Грција и во Македонија, водата ја насочуваат кон својата воденица, односно го говорат она што ним им одговора наспроти вистината.

– Датумот за преговорите е замислен и испратен од ЕК од 5 јуни минатата година, но тоа не значи дека мора да почне. Тоа значи дека треба да се исполнат некои услови како СЈО, справување со корупцијата, реформите во администрацијата и многу други услови од економски карактер. Според мене, најважни се реформите, затоа се брза и се водат овие интензивни преговори меѓу власта и опозицијата, но, и покрај сѐ, тоа не значи дека датумот е обврзувачки и загарантиран. Во исто време, неконстантноста во изјавите на власта околу овој проблем ни укажува дека таа не е сигурна дека сработила доволно на овие полиња што ги напоменав, па, оттука, може да се каже дека сепак виси датумот за преговори, кој треба да го добиеме во јуни – објаснува професорот Лазаров.

Тој додава дека евроизборите, како и кампањата во Грција за нив, немаат големо значење за земјава засега, бидејќи единствен услов по Преспанскиот договор за наше членство во европскиот сојуз се реформите дома за исполнување на условите за пристап, од кои Македонија во моментов каска во однос на нивното исполнување.

[email protected]