Атанасов: Во МОН треба да се направи преструктурирање

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, кој три месеци е на функцијата, реагира дека институцијата е неефикасна. Тој вели дека мора да се направи преструктурирање, затоа што, како што вели, има многу шефови, а нема вработени во одделенијата каде што има повеќе работа. Во невообичаената искреност за политичар и функционер, заменик-министерот Атанасов за кратко време многу отворено и искрено ги дијагностицира недостатоците во функционирање на Министерството за образование и наука, како и на системот на мрежната поврзаност на МОН со повеќе други релевантни институции поврзани со образованието, развојот и перспективите на истото тоа.

– Министерството користи многу мал дел од своите капацитети со многу мал процент на ефикасност. Многу е бавна институцијата и има премногу шефови. Има премногу високи позиции што се исполнети, а на важните одделенија каде што има можеби многу повеќе работа се празни позициите.

Одделенијата каде што има најмногу работа имаат најмалку вработени. МОН е еден бавен организам и работи со мала ефикасност. Не се искористени сите капацитети и мора да се напрaват промени за да можеме да одговориме на дневните задачи, за да го поставиме образованието на нозе – вели Атанасов. Според него, од она што досега го согледал, институцијата функционира мачно.

– Овде се издаваат најразлични согласности, стипендии, ова е дневен организам што функционира некако многу мачно. Има многу реакции од јавноста дека е многу слаб протокот или бавно оди какво било потпишување или добивање документ. МОН мора да ја зголеми брзината на комуникација со Бирото за развој на образованието, со Државниот испитен центар, како и со Центарот за стручно образование. Претходните креатори на политиките го раскршиле процесот давајќи им повеќе индивидуалност и независност на бирото, на Центарот за стручно образование, со што е дојдено до ваквата ситуација, да не функционираме како еден целокупен систем – додава заменик-министерот.

Во секој случај, принципот на транспарентност на кој инсистираат премиерот Заев и Владата на Р Македонија за јасност на чекорите, кои ги презема или сака да ги реализира јавната администрација во функција на граѓаните, можат силно да се препознаат во напорите на заменик-министерот на МОН, Атанасов. Според него, реакциите на јавноста за работењето на МОН како и неговите процени на состојбите за работењето на министерството се првиот чекор во насока на преземање динамични и драстични мерки за брзо подобрување на функционирањето на МОН, во интерес на образованието, науката и на самите граѓани, што е главна негова цел.