Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во најновото истражување на американската агенција „Блумберг“ се забележува тренд на распарчување на партискиот пејзаж на Европа, напуштање на традиционалните политички блокови и на претходната идеологија и формирање нови политички структури со поинакви идеи. Може ли ваквиот тренд да се префрли и кај нас и што ќе значи тоа за Македонија

Политичката мапа на Европската Унија во моментов открива своевиден хаос. Безмалку низ цела Европа бројот на партии се зголемува, додека старите традиционални блокови на левицата и десницата се распаѓаат, објавува порталот „Блумберг“. Според последната сеопфатна анализа на реномираната американска агенција, Европската Унија во моментов доживува своевидна политичка фрагментација на традиционалните политики, која, пак, според пишувањата на магазинот, во ист момент може да предизвика и своевидна ренесанса во однос на европската политика.

Според „Блумберг“, во моментов низ ЕУ шест членки имаат малцински влади, други две имаат привремени влади, вклучувајќи ја Шпанија, која во ноември ја очекуваат четвртите избори во исто толку години.

Од друга страна, во Австрија, пак, се очекуваат предвремени избори на 26 септември. Дванаесет членки имаат коалиции што функционираат, но некои од нив се принудни, како во случајот на Германија и на Италија. Состојбата во Долниот дом на британскиот парламент исто така е специфична. Покажувајќи презир за старите структури, некои од помладите европски политичари ги напуштаат своите партии и формираат нови.

Емануел Макрон го стори ова во Франција. Сето тоа, според анализата, покажува дека како што европските општества стануваат сѐ повеќе плуралистички и разновидни, таквата состојба се пренесува и на политиката. На тој начин и создавањето на коалициите станува потешко. Тоа, според магазинот, ги ослабува и партиските структури, со истакнувањето на поединците. Распадот на партиите во исто време носи страв, бидејќи е мотивиран од подемот на популистите, но и во исто време популистите ги достигнаа нивните граници.

– Во распарчениот партиски пејзаж, товарот на одржување на демократијата паѓа врз поединците. Коалициите ќе станат ад хок, а сѐ повеќе држави ќе бидат водени од малцински влади толерирани од опозицијата. Тоа ќе значи дека пратениците ќе треба индивидуално да се справуваат со проблемите, да ги бранат сопствените ставови и да ги ислушаат можните алтернативи, пред да гласаат според сопственото убедување. Ваквата состојба изгледа хаотично, но всушност означува слобода – се заклучува во анализата на Блумберг.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како е кај нас

Во однос на регионот, но и Македонија, дали глобалните случувања може да се применат и кај нас, експертите имаат воздржан став во таа насока. Според нив, иако во последно време во домашната политичка сцена преовладува иницијатива за преземање на кормилото на власт од традиционалните партии од страна на мали и нови политички субјекти токму поради разочараноста на граѓаните од двата големи блока, но и потребата од свежи идеи и нов концепт, ваквиот подем е помалку реалистичен. Како што објаснуваат некои од домашните познавачи на состојбите, искуството во земјава досега вели дека ниту една помала партија не се наметнала сериозно, а камоли да прерасне во габаритна нова или трета опција. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски вели дека на европската политичка сцена се случуваат сериозни промени, кои имаат пошироко влијание врз целиот континент, вклучувајќи ја и земјава.
– Не е во прашање само растот на десницата, и тоа екстремната, која се чувствува загрозена од масовниот наплив на мигранти. Во прашање се и локални незадоволства од владините политики, бидејќи широките маси не чувствуваат поголеми придобивки од постигнатиот развој. Своја нагласена улога во овие движења има и Европската Унија, која никако да се реформира и да се приспособи на овие нови тенденции. Таа е безидејна и најавите на Макрон за подлабоки реформи во принцип се позитивни, иако тоа ќе оди секако на штета на проширувањето, за кое ние сме особено заинтересирани – оценува Никовски.
Тој објаснува дека не само во Европа туку политичката ситуација се менува на полош и за целиот свет, каде што, според него, Студената војна е веќе почната и, секако, ќе се продлабочува, а тоа, според него, значи неизвесна иднина за сите.
– Во тие рамки Македонија мора да се концентрира на реформите без да се залажува народот за некаков датум за преговори, бидејќи Унијата ќе биде недостижна за нас уште многу години – завршува Никовски.
Од друга страна, според политичкиот аналитичар Милан Стефановски, на земјава ѝ се добредојдени нови политички или партиски иницијативи слично како во Европа, бидејќи тоа ги јакне плурализмот и изборот, но колку е тоа можно е сосема друго прашање
– Без разлика дали станува збор за национално или за европско ниво, заклучокот е дека гласачите бараат храбри промени од корен, а традиционалните големи партии во овој момент не сум убеден дека можат да им ги понудат тоа, па тие се вртат кон други политички опции. Слободно можам да кажам дека сето тоа води кон политичка балканизација на Европа и, обратно, обид за европеизација на Македонија, која е потешка, бидејќи политичката сцена се дели на што помали непријателски настроени групи, кои не можат да најдат заеднички јазик за да ги решат проблемите на граѓаните – вели Стефановски.
Која е пооптимистичката опција по нас сѐ уште е дилема за политикологот.
– Очигледниот одговор, сепак, е дека традиционалните партии не треба да ја земаат доминантната позиција како дадена и мораат да почнат да бараат сеопфатни решенија за проблемите ако сакаат да ја вратат довербата на гласачите. Од друга страна, товарот на одржување на демократијата паѓа врз поединците, кои во земјава сѐ уште не се во можност да го разубедат гласачкото тело да не гласа клиентелистички (за едните или за другите). Сѐ додека така размислуваат гласачите, овде тешко ќе можеме да ги заобиколиме влијанијата на традиционалните партии – објаснува Стефановски.

[email protected]