Можеби сѐ уште е рано за да се одреди патеката на американската надворешната политика, но ако се земе предвид дека во редовите на новата американска администрација ќе бидат вклучени поранешни советници и соработници на Барак Обама, може барем да се насетат некои од идните чекори. Во оваа насока ќе биде и назначувањето на Вилјам Брнс за нов директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Имено, станува збор за дипломат што 33 години служеше во американската служба за надворешни работи. Не треба да го пренебрегнеме фактот дека Брнс беше амбасадор во Москва и во Аман, каде што создаде трајни пријателства и е добро запознаен со геополитичките движења и проблеми

Во пресрет на инаугурацијата на новиот претседател на САД

И покрај бурните случувања во Вашингтон, на 20 јануари Џо Бајден ќе ја преземе должноста претседател на Соединетите Американски Држави. Новиот претседател и неговите советници ќе се соочат со многу предизвици, но што можеме да очекуваме од новата американска администрација?
Веќе стана повеќе од очигледно дека американското општество е поделено. Во таквиот контекст се појавија индикатори дека новата влада ќе се обиде да пронајде среден пат преку соработка со умерените сили во Демократската и Републиканската партија. Но и да е така, не би требало да очекуваме поголем успех, затоа што ќе бидат потребни години, дури и децении, за да профункционира кохезијата во американското општествено-политичко ткиво, која сега е подлабоко раскината. Со децении американските политички субјекти, пред сѐ Републиканската партија, одбиваа отворено да ги придобијат гласовите на екстремната десница, но тоа се промени со победата на Барак Обама на претседателските избори во 2008 година. Републиканските лидери, возбудени од губењето на популарноста, потајно почнаа да кокетираат со екстремната десница. Истовремено во редовите на Демократската партија дојде до засилување на влијанието на т.н. социјалисти предводени од Берни Сандерс и Александрија Окасио-Кортез, со што дополнително се усложни американската политичка сцена, но најголемата опасност доаѓа од екстремниот десничарски радикализам.

Приоритет на новиот претседател ќе бидат справувањето со последиците од пандемијата на ковид-19 и закрепнувањето на американската економија, но како што ќе минува неговиот мандат, акцентот ќе биде ставен врз разбивање на организираните и вооружените групи на екстремната десница – белите расисти и христијанските фундаменталисти. Бидејќи овие групи се најжестоките приврзаници на Доналд Трамп, американската администрација ќе се обиде да ја добие поддршката на Републиканската партија, барем на нејзините поумерени елементи. Од друга страна, како што ќе се засилува притисокот на федералните институции можно е да дојде до поголема радикализација на екстремната десница. Не треба да се заборави дека стравотниот терористички напад во Оклахома Сити, во кој загинаа 168 луѓе, беше организиран од страна на лица што беа радикализирани со идеологијата за надмоќноста на белата раса. Не би требало да се исклучат слични дејства, а спречувањето на ова сценарио ќе зависи од подготвеноста на американските безбедносни институции.
Сѐ уште е рано за да се одреди патеката на американската надворешната политика, но ако се земе предвид дека во редовите на новата американска администрација ќе бидат вклучени поранешни советници и соработници на Барак Обама, може да се насетат идните чекори. Во овој правец ќе биде и назначувањето на Вилјам Брнс за нов директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Станува збор за дипломат што 33 години служеше во американската служба за надворешни работи. Не треба да го пренебрегнеме фактот дека Брнс беше амбасадор во Москва и во Аман, каде што создаде трајни пријателства и е добро запознаен со геополитичките проблеми.
Очигледно е дека Соединетите Американски Држави ќе ја засилат својата активност во Европа и на Блискиот Исток, но што треба да очекуваме од новата надворешна политика на Соединетите Американски Држави? Бајден и неговите соработници ќе настојуваат да го намалат влијанието на Русија, следствено ќе биде засилено сојузништвото со Германија и со Франција, меѓутоа не треба да се отфрлат и дипломатските активности што ќе имаат за цел подобрување на односите со Русија.

Можно е продлабочување на односите со Украина и подготовки за нејзино членство во Северноатлантската алијанса, но тоа ќе зависи од околностите и можностите. Не треба да се отфрли и можноста од обид за засилување на американското влијание во Белорусија преку залагањето за демократизација на оваа држава, но тоа исто така ќе зависи од односите со Русија.
Од новата администрација можеме да очекуваме сличен пристап и во односите со Иран. Затоа треба да очекуваме продлабочување на сојузништвото со Израел и другите блискоисточни држави, но Бајден ќе се обиде да ја искористи дипломатијата и можни се нови преговори за контроверзната иранска нуклеарна програма.
Со оглед на слабеењето на демократските процеси, можеме да очекуваме дека новата администрација ќе ги искористи сите средства на т.н. мека моќ за промовирање на демократијата низ светот и притисок врз автократските водачи. Оваа агенда ќе биде поврзана со напорите за обнова на демократијата во американското општество.
Во однос на Балканот, можеме да очекуваме засилена активност на Стејт департментот во решавањето на проблемите помеѓу Белград и Приштина, како и решавањето на „историскиот“ проблем помеѓу Скопје и Софија. Мора да се има предвид дека балканската политика на Вашингтон ќе биде во координација и согласност со европските сојузници, пред сѐ со Германија и со Франција, а поголема активност во овој правец би требало да очекуваме при крајот на мандатот на Бајден. Она што веднаш ќе се почувствува, а тоа се однесува и за Македонија, ќе бидат настојувањата за засилување на државните институции и владеењето на правото како основа за функционална демократија.

Еден од најсложените предизвици со кои ќе се соочи новата американска администрација ќе биде засиленото влијание на Кина во светот. Бајден и неговите советници ќе настојуваат да ги подобрат и продлабочат сојузништвата со Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Тајван, Индонезија, Филипините и други држави. Вашингтон ќе се обиде да го искористи антагонизмот на Кина со соседите, кој настана поради засилените активности на Пекинг во Јужно Кинеско Море. Во овој правец ќе бидат обидите за создавањето нови сојузи за да се ограничи кинеското влијание, затоа треба да очекуваме дипломатска, дури и воена, соработка помеѓу САД и Виетнам, а можно е и враќање на договорот за слободна трговија со државите од АСЕАН. Меѓутоа не треба да се исклучат дипломатските обиди за подобрување на односите со Пекинг, кои се на најниско ниво во последните три децении, но тоа ќе зависи и од кинеските власти.

Една од главните карактеристики на новата американска администрација ќе биде продлабочувањето на сојузништвата, но и создавањето нови сојузништва насекаде на светот. Соединетите Американски Држави ќе се обидат да повратат дел од изгубениот престиж, затоа не треба да се очекуваат поголеми воени интервенции, како оние во администрацијата на Буш во Авганистан и во Ирак. Но не треба да се отфрли можноста од воена интервенција доколку дојде до загрозување на виталните интереси на Соединетите Американски Држави. Основата на американската надворешна политика ќе биде т.н. доброволен хегемонизам, но тоа ќе зависи од американската домашна политичка сцена, враќањето на довербата во институциите и демократијата, како и во решавањето на проблемот со екстремниот радикализам.