Фото: Маја Јаневска Илиева

Колку е возможно нашата држава да започне брзи преговори со Европската Унија и што би значело тоа за Македонија. Ова се дилемите што се актуелни во домашната јавност веднаш по коментарот на германскиот министер за надворешни работи Михаел Рот, кој вели дека ЕУ мора брзо да започне преговори со Македонија.

Германскиот дипломат, кој ја претставува една од највлијателните држави во Европа, освен што бара брзи преговори со Македонија нагласува и дека ако ЕУ потфрли на Балканот, Унијата нема да биде сметана за сериозен актер во светот.

Рот во неговиот коментар за весникот „Велт“ го фали Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција и оценува дека на примерот на овие две земји треба да се угледа остатокот на Европа. По трагите на ваквата изјави и ставови на Рот нашиот весник спроведе мини-анкета и праша и другите европски дипломати и функционери што мислат за идејата за забрзување на роковите за наше членство во ЕУ.

Во изјава за „Нова Македонија“, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, вели дека Европската Унија силно го поддржува историскиот Преспански договор, кој нуди уникатна можност, која треба да е пример за помирување во Европа како целина и кој дава силен поттик за идни европски перспективи на регионот.

– Решавањето на такво тешко прашање е можност вашата држава да продолжи напред на патот кон Европската Унија, а сето тоа ќе е од големо значење за регионот. Оваа динамика треба да биде мудро искористена за да се унапреди процесот поврзан со ЕУ-реформите и истовремено се надеваме дека ќе се оствари значаен напредок – вели Коцијанчич.

Таа истакнува дека земјите-членки го отворија патот за почеток на преговорите за влез во јуни 2019 година.

– Комисијата, исто така, ги започна неопходните подготовки. Ова е дел од нашето засилено дејствување во регионот, што е од интерес за сите, и за земјите-членки на ЕУ и за државите од Западен Балкан – вели таа.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј коментирајќи ги случувањата изјави дека договорот од Преспа е историско достигнување што ѝ овозможи на земјата да се приближи кон членството во НАТО и во ЕУ, нејзини долгорочни цели.

– Обединетото Кралство е меѓу најсилните поддржувачи на евроатлантските интеграции на Македонија и ѝ честитаме на земјата за потпишувањето на Протоколот за пристапување со НАТО-сојузниците и со нетрпение ја очекуваме како 30-та членка.

Во однос на перспективите за ЕУ, ја поддржуваме оваа цел и сметаме дека сега со комплетирањето на патот кон НАТО, земјата треба да се фокусира на реформската агенда за да испорача за граѓаните и да го добие датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Обединетото Кралство соработува со Македонија во многу области во реформската агенда, нашите програми поддржуваат работа во клучни области како владеење на правото, реформи во разузнавањето, професионализација на јавната администрација и зајакнување на транспарентноста – изјави амбасадорката Галовеј.

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние, коментирајќи ги европерспективите на Македонија смета дека најважно за земјава во моментов е успешно да ги спроведе претседателските избори, оти според начинот на кој ќе го стори тоа ќе се цени и натамошно интегрирање на земјата во ЕУ.

Eврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Јоханес Хан, во своја објава на Твитер најави дека Унијата ќе даде најсилна поддршка за отворање на преговорите за членство во ЕУ оваа година.

Европратеникот од либералите, и известувачот за Македонија од европскиот парламент Иво Вајгл, во својата последна изјава за македонските медиуми истакна дека во јуни оваа година треба ЕУ да отвори преговори со Македонија, како што ѝ беше ветено на земјата.

Фото: Игор Бансколиев