Фото: Дарко Андоновски

Објавувањето информации класификувани како државна тајна може да направи трајни штетни последици врз државните интереси на РМ. Овој процес уште трае, пред нас е референдум, а пред Грција ратификација. Објавувањето ставови и преговарачки позиции може да му наштети на овој процес, тврди министерот Димитров

За некои од експертите е нелогично да се крие нешто од граѓаните, особено што договорот со Грција сега е и јавно објавен и ставен на увид на јавноста

Настаните поврзани со содржината на доверливите документи за преговорите за името со Грција оваа недела третпат ја одложија седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, која вчера ниту по паузата не почна, а на која излагање за остварувањето на меѓународната политика требаше да има министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Претседателот на комисијата, Антонијо Милошоски, рече дека седницата ќе продолжи со работа кога пратениците што поседуваат безбедносен сертификат ќе ги добијат класифицираните материјали од двете лидерски средби одржани кај претседателот на Република Македонија.
Тој информира дека пратениците со писмо ќе ги побараат овие материјали, кои, според него, се наоѓаат кај генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова. Продолжението на седницата го закажа за в понеделник.

– Се надевам дека ова деловничко право што го имаме како пратеници ќе ни биде задоволено во најскоро време, за да може да почнеме со работа на седницата на Комисијата за надворешна политика – рече Милошоски.
На ова реагираше пратеничката Ивана Туфегџиќ, која истакна дека нема проблем комисијата да почне со работа по излагањето на министерот Димитров.
– Материјалите што ги споменавте не се дел од оваа точка. Министерот може да има експозе, бидејќи неговиот извештај не содржи класифицирани материјали – рече таа.
Милошоски не го прифати предлогот на колешката.

Претходно комисијата трипати беше одложувана од истата причина, односно барање посочените материјали да бидат доставени до пратениците.
Недоставувањето, според Милошовски, значи дека владејачкото мнозинство нешто крие и остава простор за сомнеж.
Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, го предупредија дека на ваков начин по изнесување детали од класифицирани материјали прави кривично дело, како и дека кривично дело е доколку тој имал увид во тие материјали, а нема безбедносен сертификат.
Министерот Никола Димитров побара збор и истакна дека е подготвен да разговара на која било тема во кое било време, но оти не е подготвен да биде соучесник или сведок на кривични дела.

– Немам ништо да кријам од целиот процес. Тоа што го кажувам пред вас, го кажувам пред граѓаните, тоа сум го разговарал и со Грција и со нивните претставници, со политичките лидери, со премиерот, претседателот… Објавувањето информации класификувани како државна тајна може да направи трајни штетни последици врз државите интереси на РМ. Овој процес уште трае, пред нас е референдум, а пред Грција ратификација. Објавувањето ставови и преговарачки позиции може да му наштети на овој процес – рече Димитров.
Димитров истакна дека не знае за какви материјали станува збор бидејќи, како што посочи, на првата средба кај Иванов не било договорено да се водат белешки.
Прашање е, истакна Димитров, кој ги направил, како ги класификувал и како одлучил кому да ги достави и истакна дека МНР нема материјал од лидерската средба од јануари 2018 година.

– Ова што се прави е упад и саботажа, која ја доживувам како антидржавен потег – рече Димитров.
Милошевски веднаш потоа реагираше на изјавата на Димитров.
– Никој не бара повеќе од практиката што е воспоставена – вообичаена практика како договорот со Бугарија, како и деловничкото право да разгледува документи. Димитров лаже дека не се воделе службени документи. Ако министерот е отворен за соработка, МНР нека ја достави белешката од средбата во мај. Не е јасно зошто безбедносните материјали, кои се во Собранието, не им се поделат на пратениците за дискусија. Така ќе се види дали некој се залага за Македонија или ја става како потчинета страна. Дали има нешто како службена тајна или не – рече Милошоски.
Од друга страна, вчера се огласија и од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– Претседателот на Комисијата за надворешна политика повеќе од една година нема безбедносен сертификат, иако од стручните служби во Собранието му било укажувано дека е истечена важноста на претходниот. Според ова, пратеникот и претседател на комисијата, во согласност со Законот за класифицирани информации, кој е без неопходниот безбедносен сертификат, не можел да бара, поседува и да изнесува јавно документи, кои имале назнака „строго доверливо“ – се вели во реакцијата.
Според кабинетот на Џафери, Милошоски доставил барање до кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов за добивање материјали од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава „и на недозволив и заобиколен пат, лично, не преку архива, ги добива материјалите од кабинетот на претседателот Иванов, нешто што не е според законот“.

– Материјалот е отворен, и по неколку дена од други лица во Собранието е донесен во архивата за да се процесира. Со ова овој материјал станува сопственост на Собранието. Укажуваме дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, постапил во согласност со членот 52 од Деловникот за работа на Собранието, во кој е наведено дека пратеникот е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната тајна. Како тајна се сметаат сите материјали што им се упатуваат на Собранието и на работните тела, а кои како такви се означени од предлагачот на материјалот. Начинот на ракување и чување на материјалите што се сметаат за тајна се уредува со посебен акт што го донесува претседателот на Собранието – велат од кабинетот на Џафери.
Во меѓувреме, динамиката и острината на развојот на актуелните случувања поврзани со увидот на документацијата од страна на собраниската комисија за надворешни работи како и самиот факт дека документацијата за преговорите е класифицирана како доверлива во јавноста остава впечаток дека можеби станува збор за нешто сериозно, кое е поврзано со спорот за името што граѓаните не го знаат во овие клучни моменти, кога од нив се бара да одлучуваат на референдум.

Универзитетскиот професор Оливер Андонов, кој е исто така поранешен министер за внатрешни работи, вели дека за да ни стане јасна заднината на актуелните случувања тие треба да се погледнат од три сегменти.
– Прво, штом го имаме договорот на маса, кој е веќе од јавен карактер не ја гледам логиката зошто треба да постои класифицираност на информации поврзани со водењето на самите преговорите на документ, кој сега може да го видат сите и чија содржина е општо позната дополнително ѝ е ставен на увид на јавноста и кој утре хипотетички преку референдум треба да биде основата по која сите ние ќе треба да се изјасниме за ова државно прашање. Вториот сегмент на случувањата, пак, е поврзан со фактот дека сите оние што се членови на самата собраниска комисија во склопот на своите дејствувања и надлежности и во самата основа на нивното пратеничко дејствување во ова собраниско тело имаат сертификати за безбедност. Фактот во оваа ситуација дека тие не се обновени претпоставувам само говори дека за конкретниот случај станува збор за процедурален пропуст на МВР, кој не требало да биде направен од надлежното раководство на институцијата. Па затоа не ја гледам процедурално причината зошто тие луѓе односно пратениците не би имале право на пристап на увид на документи од ваков карактер. И последниот сегмент во ова збиднување е исклучиво неговата политичката димензија, која, според мене, се однесува на таканаречената секуризитација или непотребна сигнификација на прашањата што се однесуваат на давање безбедносна димензија на преговорите. Ова мислам дека особено е направено со причина од политичките лидери за да се политизира сѐ и да се даде државно значење на преговорите бидејќи на тој начин ќе се изврши манипулација заради дневнополитички цели. Односно јас тука ја гледам спорноста на целата постапка, бидејќи со алатката за државна тајна некој се обидува да се скрие слабоста на спроведување на преговорите односно да се скрие аматеризмот со кој СДСМ ги вршел овие процеси – вели Андонов.

Поранешниот министер на МВР и човек со долгогодишно пратеничко искуство, пак, Павле Трајанов коментирајќи ги актуелните случувања вели дека по сето изнесено се заклучува дека партиите, политичарите и особено пратениците во земјава воопшто немаат или имаат ниска безбедносна култура.
Трајанов вели дека без разлика за кој пратеник или партија станува збор, неговото пратеничко искуство покажало дека ако со објавување на содржината на класифицираниот документ за која било тема не зборувајќи за актуелниот случај за спогодбата со Грција, му се наштетува на политичкиот противник тогаш без посериозно да размислат тие скоро секогаш ги објавуваат.

Трајанов надоврзувајќи се на актуелниот случај вели дека во јавноста сѐ уште многу работи не се докрај објаснети и не се доволно јасни.
– Бидејќи во актуелната ситуација очигледно се работи за материјал што е класифициран од страна на претседателот на државата ние во моментов во јавноста за конкретниот случај не знаеме многу детали. Тоа го велам бидејќи во случајот ние сѐ уште не знаме каков е документот за кој станува збор односно каков е степен е неговата доверливост, натаму исто така не знаеме дали и кои се од споменатите политички актери воопшто поседуваат безбедносен сертификат па дури и да имаат не е сѐ уште јасно за какво ниво на овластувања на сертификатот станува збор – вели Трајанов.

Тој вели дека корисниците на тие материјали, ако се и воопшто класифицирани, мора да имаат безбедносен сертификат со степен на тајност, кој се движи од доверливо па преку воена тајна па сѐ до државна тајна.
– Во конкретната ситуација не знам дали Антонио Милошевски имал или немал таков сертификат, ако имал неоспорно е да ја добие содржината, но според закон тој е обврзан потоа истото тоа да не го објави бидејќи ако го стори тоа тогаш тој одговара кривично бидејќи прави кривично дело – вели Трајанов.

Според него, многу е логично информации што се запишани во материјалот со сигурност да ги загрозат интересите на нашата државата, но и исто така на другата страна бидејќи станува збор за спогодба со Грција.
– Дополнително не се исклучува дека содржината на овие материјали можеби може да им наштети на позициите и на трета страна, односно на меѓународната заедница, која можеби директно или индиректно била инволвирана во целиот процес – вели Трајанов.
Според него, ако се направи паралела на сите овие случувања додека траеја преговорите со Грција, факт е дека Милошевски неколкупати досега објавуваше информации за преговорите, кои не беа јавно познати, што укажува дека пратеникот имал свој канал од каде што ги добивал релевантните информации.

Трајанов смета дека сето укажува дека за процесот на кој биле водени преговорите внатре во нашата држава меѓу сите политички актери имало комуникација и најверојатно сите слоеви биле запознаени со преговорите, настрана од политичките изјави на опозицијата, од каде што тврдеа дека не се информирани за преговорите.