Фото: Игор Бансколиев

Безбедносниот пакет за заштита на малцинските права содржи препораки на ЕУ за заштита на културната и јазичната разновидност, програми за финансирање мали јазични заедници, создавање центар за јазична разновидност, фондови за регионален развој на ЕУ за покривање на заштитата на националните малцинства, истражување за вредноста на малцинствата во нивните општества…, нешто што досега не го исполнуваат Бугарија и Грција…

Бугарија и Грција пред нов предизвик со малцинствата

Европскиот парламент неодамна со големо мнозинство ја изгласа Резолуцијата за малцински безбедносен пакет, откако претходно над еден милион граѓани на земјите-членки на ЕУ потпишаа петиција со која бараат заштита на правата на малцинствата во земјите од Унијата, нешто што досега не го исполнуваат Бугарија и Грција.
Овие две земји и покрај тоа што се членки на ЕУ, негираат постоење на какво било малцинство на своја територија, а тоа особено се однесува на македонското малцинство врз кое со години се спроведува агресивна асимилаторска политика и не му се дозволуваат никакви малцински права. Од тие причини е и инсистирањето на овие две земји при склучувањето на Преспанскиот, односно Договорот за добрососедство со Бугарија, Македонија да се откаже од малцинствата во соседните земји, која за да им угоди на соседите се откажа од давање секаква помош за своите сограѓани во соседните земји во остварувањето на малцинските права.
Безбедносниот пакет за заштита на малцинските права содржи препораки на ЕУ за заштита на културната и јазичната разновидност, програми за финансирање мали јазични заедници, создавање центар за јазична разновидност, фондови за регионален развој на ЕУ за покривање на заштитата на националните малцинства, истражување за вредноста на малцинствата во нивните општества, приближна еднаквост за малцинствата без државјанство како Ромите и слични проблеми со кои се соочуваат малцинствата во ЕУ.

Она што останува како дилема е дали повторно Бугарија и Грција ќе се оглушат на резолуциите на ЕП и ќе продолжат со старата практика на негирање на малцинствата и задушување на нивните малцински права, за што во повеќе наврати изгубија парници пред Европскиот суд за човекови права.
За универзитетската професорка Мирјана Најчевска резолуциите сè уште немаат таква правна обврзност каква што имаат директивите.
– Резолуциите немаат таква правна обврзност каква што имаат директивите што се дел од европското право и претставуваат дел од европските закони. Бугарија ја има ратификувано европската конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, но бидејќи нема такви механизми што би ја присилиле да ги почитува одредбите на таа конвенција, и покрај тоа што во неколку наврати се најде пред Европскиот суд за човекови права, сè уште е во сите извештаи како држава што не одговорила на преземените обврски – вели Најчевска.
Таа додава дека со оваа резолуција е направен чекор понатаму кон креирање обврски што државите ќе мора да ги исполнуваат.
– Оваа резолуција, бидејќи е на ниво на ЕУ, најверојатно е чекор понатаму и ќе се стреми кон градење некои појаки обврзувачки норми, кои, најверојатно, ќе имаат влијание и врз малцинствата во Грција и во Бугарија – заклучува професорката Најчевска.
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, не очекува работите во Бугарија и во Грција, во поглед на нивниот однос кон малцинствата, брзо да се сменат.

– Не очекувам многу (барем не на краток рок) од новата резолуција на Европскиот парламент за заштита на малцинствата. Допрва Европската комисија ќе треба да изработи соодветна легислатива и таа потоа да се усвои и последователно да се преслика во националните законодавства. Тоа ќе трае со години, а и потоа ќе видиме дали ќе се практикува во некои земји – вели Кржаловски.
Според него, Грција и Бугарија и досега не ги почитувале востановените европски критериуми и правила во поглед на малцинствата.
– И Грција, а особено Бугарија (двете не ни признаваат постоење на национални/етнички, туку само на верски малцинства) не само што не ги почитуваа востановените европски стандарди и практики (додуша не и закони, па затоа сега доаѓа оваа резолуција), туку и активно ги саботираа, односно спречуваа какви било обиди да се артикулираат правата на малцинствата во тие земји (пр. преку активностите на „Виножито“ во Грција и ОМО „Илинден“ во Бугарија). Згора на тоа, Бугарија не ги почитуваше ни неколкуте пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во корист на ОМО „Илинден“ и ден-денес не дозволува регистрација на ова здружение на граѓани (на етничкото македонско малцинство во Пиринска Македонија). Сега мислам дека имаат рок до крајот на јуни 2021 година да го овозможат тоа – но да видиме дали овој пат ќе го испочитуваат – нагласува Кржаловски.


Кирјаков: Бугарија мора да ја почитува резолуцијата на ЕУ

Бугарија мора да ја почитува резолуцијата на ЕУ и бугарскиот суд од 1 јуни 2021 година да ги регистрира сите македонски здруженија и организации во државата. Во спротивно, за Бугарија ќе следуваат санкции од ЕУ, вели Атанас Кирјаков, еден од челниците на „ОМО Илинден“, која годинава слави јубилеј 30 години.
– Пиринска Македонија треба да добие статус на културна, политичка и економска автономна област, статус што според меѓународното право и меѓународните аранжмани, треба да се изрази во следното: ОМО „Илинден“ инсистира поради нискиот стандард на население што живее во Пиринска Македонија да даде директна економска помош од ЕУ за развој на Пиринска Македонија за крај на асимилацијата на Македонците преку глад. Воведување македонски јазик во образовните институции и во администрацијата, како и учење на македонската историја и култура. Отворање радио и телевизиски центар во Пиринска Македонија за емитување на македонски јазик, за културно просветлување на населението. На бугарската национална радио и телевизија треба да има час за пренос на македонски јазик за Македонците што живеат во Бугарија. Стоп за асимилацијата на македонската култура, историја, фолклор и да не ве проневерат бугарските институции. Стоп за уништувањето на македонските културни споменици – пишува Кирјаков во објавата на Фејсбук.