Повеќето од пациентите што прележале ковид-19 чувствувале умор и малаксаност и два месеца по прележувањето на болеста, а некои од нив се чувствувале и депресивно. Засега во Македонија нема регистрирано или систематизирано такви случаи, но на светско ниво бројот е сѐ поголем

Постковид-состојбите на човечкиот организам за кои лекарите сѐ повеќе предупредуваат

Дали коронавирусот ќе создаде нова форма на здравствени проблеми по ковид-19 и кај пациентите што ја прележале болеста со сериозни симптоми и биле на болничко лекување, кои потоа во периодот на реконвалесценција чувствуваат дека здравствената состојба повторно им е нарушена и не закрепнуваат со предвидената динамика? Оваа дилема останува како предизвик пред науката и здравствените експерти, откако уште една студија потврди дека голем број пациенти и по лекувањето имаат симптоми на ковид-19 и се водат во категоријата пациенти што имаат т.н. долготраен ковид-19.
Повеќето од овие пациенти чувствувале умор и малаксаност и два месеца по прележувањето на болеста, а некои од нив се чувствувале и депресивно.
Засега во Македонија нема податоци дали се регистрирани такви случаи, но на светско ниво бројот е сѐ поголем.
Тоа го докажува истражувањето на Универзитетот во Лондон, според кое, повеќе од две третини од излекуваните пациенти што биле хоспитализирани поради инфекцијата имаат долготрајни симптоми и седум недели подоцна.
Многумина пријавиле дека и понатаму тешко дишат и продолжуваат да кашлаат. Некои чувствуваат умор, како и психичка истоштеност.

Ова е доказ, велат авторите на студијата, дека „долготрајниот ковид“ е реален феномен што може да ги оптовари луѓето и здравствениот систем со месеци.
– Резултатите покажуваат дека излекуваните од ковид имаат симптоми и седум недели отпосле. Околу 69 отсто од луѓето излекувани од коронавирусот, кои биле хоспитализирани за време на болеста, се чувствуваат уморно дури и 54 дена откако биле излекувани. Извештаите за таканаречениот „долготраен ковид-19“ зачестија низ целиот свет и сугерираат дека дури и вакцините да го забават ширењето на пандемијата, милиони можеби ќе живеат со трајни последици од овој вирус – се резултатите од истражувањето.
Според микробиологот Никола Пановски, забележливо е дека некои пациенти што потешко ги поминале болеста и лекувањето потоа тешко и закрепнуваат, но вели и дека е рано да се потврди сево ова и да се каже дека ова се фактички последици предизвикани од вирусот.
– Некои од нив долго време откако се излекувале чувствуваат замор, омалаксаност, психичка истоштеност. Не можеме да бидеме сигурни зошто е тоа така, треба да помине време за да се види што точно се случува и дали тоа е случај кај сите пациенти или, пак, не – посочува Пановски.
Вели дека секоја прележана пневмонија може да создаде последици.
– Но во овој случај, пациенти со прележан ковид-19 можат да бидат и нова група хронично болни пациенти – додава Пановски.

Во новата студија, истражувачите следеле 384 пациенти што биле отпуштени од болница по третманот од овој вирус. Во просек, пациентите биле во болница шест дена, но 14 отсто морале да бидат префрлени на Одделот за интензивна нега. На повеќето пациенти им е направен рендген на градите по приемот во болницата. Повеќе од половина од испитаниците или 56 отсто имале рендгенски снимки „типични“ за пациенти со ковид-19, односно била присутна пневмонија. Дури 30 отсто од нив покажале знаци на сериозна инфекција.
До отпуштањето, 62 отсто од пациентите имале нормална рендгенска снимка, а 27 отсто покажале значително подобрување. Сепак, девет отсто од пациентите имале полоши резултати дури и неколку недели по отпуштањето од болницата.
Според истражувањето, вкупно 69 отсто од пациентите чувствувале умор и два месеца по болеста, 34 отсто продолжиле да кашлаат, а 15 отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат депресивно.
Еден од авторите на студијата, д-р Свапна Мандал, професор на Универзитетскиот лондонски колеџ (УЦЛ) посочува дека пациентите кај кои болеста била доволно сериозна за да биде потребна болничка нега, честопати трпат значителни симптоми дури и по отпуштањето од болница.

На светско ниво, речиси 52,4 милиони луѓе имале или во моментов имаат коронавирус. Во земјава, бројот на заболени достигна до 47 илјади, од кои нешто повеќе од 18 илјади се активни случаи. Секој ден се регистрираат околу илјада позитивни пациенти на ковид-19.
Според епидемиолозите, генерално, стапката на преживување е висока, но сѐ повеќе луѓе тврдат дека се чувствуваат лошо откако се излекувале од вирусот.

[email protected]