За „Нова Македонија“м-р Дончо Герасимовски

Темата за попис на населението, домаќинствата и становите е присутна и доста актуелна особено по прекинатиот, незавршен и поништен попис од 2011 година. Инаку, како што е познато, последниот попис беше спроведен во 2002 година. Тоа значи и во 2020 година за многу податоци во земјава се користат оние што така речено се со изминат рок. Впрочем имајќи предвид дека пописите на населението се спроведуваат на секои десет години, значи дека податоците се застарени цели девет години. Од тие причини во изминативе осум години се говори дека немаме понови податоци, барано е да се спроведе попис, но за тоа Владата до 2017 година не покажа интерес и не почна постапка за негово спроведување.
Имајќи предвид дека на земјава ѝ се потребни свежи и понови податоци, а особено што и ОН и ЕУ го бараат тоа, Владата во 2018 година поведе иницијатива за подготовка на закон за попис. Така, Државниот завод за статистика и Министерството за правда подготвија нацрт, па и предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите. Истиот тој, Владата го разгледа, го усвои и на крајот од 2018 и почетокот на 2019 година го достави до Собранието.

За жал, тој предлог-закон не беше разгледан во надлежната собраниска комисија, а потоа и не беше донесен. Во согласност со предлог-законот, пописот требаше да се спроведе побрзо, и тоа во 2020 година. Се закажаа вонредните парламентарни избори во 2019 година за 2020 година и веднаш пописот се презакажа за 2021 година, како и во многу земји во светот. Потоа започна пандемијата, која сѐ уште трае, и се поместија сите активности во земјава.
Сега по формирањето на старо-новата влада, оваа активност, имајќи ја предвид потребата за понови податоци, а особено обврските кон ОН и ЕУ, повторно е актуелна.
Со оглед на значењето и активностите што претстојат, времето е сосема кратко, па се бара предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите да се донесе веднаш или утре.

Сега, прашањето е зошто?
Познато е дека пописот претставува најобемна, најмасовна, најсложена и најскапа статистичка операција. Од тие причини се спроведува во подолг временски период од десет години и подолг период на подготовки. Затоа не случајно на 10 јуни 2015 година, економскиот и социјалниот совет на ОН усвоија резолуција со која земјите-членки се задолжуваат да спроведат најмалку еден попис во рамките на Светската програма за попис на населението и домаќинствата до 2020 година. Меѓутоа, притоа да ги имаат предвид меѓународните и регионалните препораки донесени од Економската комисија за Европа на ОН и Евростат. Тие препораки се добиени во јануари 2016 година и оттогаш надлежната институција ги започна активностите.
Прашањето сега е сосема јасно зошто се носат тие препораки пет години пред спроведувањето на пописот. Затоа е потребно да се стави предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите на усвојување во Собранието веднаш. Инаку, воопштено во нормални услови според Законот за попис подготовките и обврските, како на статистика така и на министерствата и други надлежни институции, се обемни. Затоа се поставува прашањето дали доколку истиот тој не се донесе веднаш УТРЕ во прашање се доведува неговиот квалитет.
Затоа можам слободно да кажам дека според моето речиси четиридецениско работење и учество во пет пописи од сите аспекти во Заводот за статистика знам што значат подготовка, организација, спроведување, обработка, дисиминација, објавување, публикување итн.

Потребни се голем простор и време за пишување на обврските на Заводот за статистика тие што не се во зависност од донесувањето на законот, но уште поголеми и временски ограничени се оние што произлегуваат од законот. Истите тие треба да се подготват заедно со повеќе министерства и други државни и локални институции.
ЗАТОА, ЗАКОН ЗА ПОПИС ВЕДНАШ И ПОПИС ВЕДНАШ ПОТОА.
Сето наведено е во функција на добри подготовки, квалитетен попис и објективни, реални и вистинити податоци.
Треба да се напомене и тоа дека пописот треба заради споредливост со податоци на другите земји да се спроведе во ист временски рок и според главните белези дадени во препораките.
На крајот и какви податоци ќе добиеме со пописот.
– За населението вкупно во земјата по региони и населени места, по пол, возраст, брачна состојба, образование на сите нивоа, економска активност, социјала, етничка припадност, вероисповед, јазик, миграциски движења, домаќинства по број на членови, станови со нивна опременост, катност, година на изградба, вид на материјалот и други показатели.
Сите податоци се добиваат исклучиво од попис, а служат за наредните десет години потоа за изработка на проекции и процени на населението, анкетни истражувања, науката, економијата, социјалата, планирањата, изработка на проекти и многу други активности. Ете затоа е потребен ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО, ДОМАЌИНСТВАТА И СТАНОВИТЕ.

(Авторот е поранешен директор на
Државниот завод за статистика и демограф)