Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“, во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средби со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што и самиот вели, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.

Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (6)

Во петокот ми заѕвони локалот. И кога прашав кој е, ми рече само: „Овде Чика Лаза! Министре, сакам да дојдам кај вас.“ Му реков да дојде. Се покажа дека сите во зградата го знаат Чика Лаза, дури и мојата секретарка Милена, и сите се впуштаа во разговор со него, а тој гледаше да ги прескокне. Дојде кај мене, и кога го виде купчето весници од цела недела, по поздравувањето и откако седна ми рече: „Пуштете ги весниците. Вие, министре, не треба да имате грижа за тоа. Млад сте, на вас веројатно и нема да се однесува.“
Си реков, овој Чика Лаза не знае дека не сум толку млад и дека по некои крупни прашања имав свои ставови, кои кај дел од јавноста беа осудувани. Таков беше случајот со материјалот што го подготви Димитар Димитров, таа иста 1971 година, во јуни, а како опашка зад себе го влечкав оној проблем што самиот го предизвикав кога на симпозиумот во Скопје, во февруари 1966 година, направив интервенција што предизвика во најмала рака чудење, а кај извесен број влијателни луѓе, меѓу кои и Савка Дапчевиќ-Кучар, наидов на противење.
Не гледав за потребно тоа да му го објаснувам на Чика Лаза, а ми пречеше и што не се видов со Киро Хаџивасилев, кој беше на седницата во Караѓорѓево, ама не се видовме оти постојано беше на некои состаноци тука, во Белград. Чика Лаза многу ми го пофали материјалот во чие подготвување учествуваше и тој. А кога изгледа на моето лице и натаму препознаваше неизвесност и загриженост, се впушти да ги „растера облаците“ од моето расположение.

Го зеде лулето, си молчеше и го полнеше со тутун, па го притисна тутунот, па го дополни лулето. Мислам дека поминаа 15-20 минути, си молчевме двајцата, а потоа наеднаш Чика Лаза ми рече: „Кренете ја главата, министре. На тоа имате право, а и должност ви е. Видете како ви поминуваат деновите. Погледајте внимателно како оние двете ’бедевии’ (Чика Лаза имаше обичај да каже понекој турцизам, на турски бедевија е расна благородна кобила, овде мислеше на моите соработнички Боба и Зага) што ве клоцаат со очите и трпеливо очeкуваат, секоја за себе, да ги јавнете.“
Помолчивме двајцата, а потоа му реков: „Чика Лаза, тоа е тема надвор од моето внимание, ама штом ја поведовте, да бидете начисто. Јас на тие две дами гледам само како на мои стручни соработници и сум им благодарен на нивната помош, како и на вашата. Инаку, треба да знаете дека сум женет човек, имам сопруга и две деца и не ми паѓа напамет овде да правам некои авантури. Замислете, Чика Лаза, во каква ситуација ќе паднеме јас и моето семејство ако за нешто такво разбере мојата сопруга.“ Тој ми одговори: „Министре, вие сте млад и убав човек. Целата ваша машка околина е исполнета со луѓе што се во залез и често брзаат во тоалет за да не се помочаат. А тоа дали некој ќе ѝ рече нешто на вашата сопруга, бидете сигурни дека ќе ѝ рече, бидејќи млад и убав, осамен човек, со толку млади жени околу, мора да падне во искушение. Никој нема да ви верува дека вие ништо такво не правите.

Веројатно сакаше да ми каже да не размислувам за последиците од она што се случува во Караѓорѓево. Но тој не знаеше за моите неволји со моите критички интервенции од 1966 година за доходовниот систем и настаните со материјалот на Димитар Димитров. Ако го знаеше тоа, веројатно немаше да се обидува шеговито, со конструкции, да ми го сврти вниманието, користејќи се притоа и непристојно со колешките. Или, пак, стариот итрец сакаше да ми го измери умот

Министре, не грешете душа, немојте да ги разочарате овие две дами.“ Стана и ја истресе пепелта од лулето во пепелникот, ми ја подаде раката и си излезе. Седев потоа кaко удрен по глава, а беше петок и отидов дома, бидејќи Марија и децата беа во Белград, по мојот роденден што го прославивме во Скопје.
Тоа всушност не беше нивно прво доаѓање во Белград заедно. Овој пат Марија, кога слушнала во понеделникот на први декември за текот на седницата во Караѓорѓево, побарала една недела од одморот, а раководството на „Треска“ ѝ го одобрило тоа. Марија ги собрала децата и со експресниот воз Атина – Париз, од Скопје допатувале во Белград. Помислила дека во тие моменти не треба да останам сам. Сите овие пет дена до доаѓањето на Чика Лаза кај мене, кога си одев дома, со Марија моравме детално да ги претресуваме содржините на весниците, а таа и на дневните телевизиски емисии. Тој петок, пред да си одам дома, особено многу ме замисли оваа интервенција кај мене на Чика Лаза. Ми беше сосема јасно дека тој знаел оти не ја зборува вистината, бидејќи и самиот гледал дека дамите што ги споменуваше се однесуваа сосема нормално и со мене како и со сите други, без никакви знаци на провокации. Си помислив, што го тера Чика Лаза вака грубо да ми го оттргне вниманието од ситуацијата?

Се сетив на првиот дел од неговите реченици, кога истакна дека сум дал крупен придонес во смирувањето на атмосферата во девизниот систем со материјалот што го изработив и што е прифатен во републиките. Веројатно сакаше да ми каже да не размислувам за последиците од она што се случува во Караѓорѓево. Но тој не знаеше за моите неволји со моите критички интервенции од 1966 година за доходовниот систем и настаните со материјалот на Димитар Димитров. Ако го знаеше тоа, веројатно немаше да се обидува шеговито, со конструкции, да ми го сврти вниманието, користејќи се притоа и непристојно со колешките. Или, пак, стариот итрец сакаше да ми го измери умот.

(Утре: „Каква порака од Тито му пренесов на Гадафи и добив 500.000 тони нафта“)