Фото: Маја Јаневска-Илиева

Српските епидемиолози предупредуваат на можно вкрстување на коронавирусот со вирусот на грип, што може да предизвика исклучително тешка компликација. Токму тоа ѝ се случило на Италија во првиот бран од декември до март 2020 година, при што последиците беа катастрофални и имаше многу жртви

ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ
НА МОЖНО ЕСЕНСКО СЦЕНАРИО

Нѐ очекува ли од ноември до март годинава нов многу посилен бран и дали падот на температурите и сезоната на грип и вирози ќе значи и многу поголем предизвик за здравствените институции?
Српските епидемиолози предупредуваат на можно вкрстување на коронавирусот со вирусот на грип, што може да биде исклучително тешка компликација, која најсериозно може да ги погоди невакцинираните лица.
Такво нешто, велат, ѝ се случило на Италија во првиот бран од декември до март 2020 година. Од тој аспект апелираат на масовна вакцинација.
Во Србија почнува и паралелна вакцинација против вирусот на сезонски грип. Какви се анализите на македонските здравствени власти, колку ваквото сценарио е можно во Македонија, имаат ли здравствените власти план за намалување на ризикот од евентуално вакво сценарио?
Според Шабан Мемети, директорот на Институтот за јавно здравје, вакцинацијата против сезонски грип треба да почне кон средината на октомври или ноември.
– Се надеваме дека нема да се доцни со набавката на вакцините. Тоа го прави Министерството за здравство, ние, како Институт за јавно здравје ја спроведуваме вакцинацијата – посочи тој.

Паралелна вакцинација

Д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, вели дека бројот на луѓе заболени од грип или што имале болест налик на грип изминатава година се помали од претходните години.
– Прво треба да земеме предвид дека имаме превентивни мерки, кои одат во насока на тоа да се контролира и евентуална епидемија на грип во земјава. Превентивните мерки го намалија бројот на случаи од сезонски грип. Имаше поголема вакцинација од сезонски грип изминатата година – вели доктор Мехмедовиќ.
Според него, опасноста да носите два вируса во себе што предизвикуваат слични симптоми, можно е да предизвика нешто што не сме го виделе досега и не сме го третирале.
– Вакцинација против ковид и сезонски грип може да се одвива паралелно и е безбедно да се одвива, па дури и за пневмокок. Тоа дополнително ќе ги заштити лицата со хронични белодробни болести – посочи докторот.

Наесен нови предизвици за инфектолозите

Проф. д-р Горан Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни и тропски болести и член на Кризниот штаб, посочи дека нѐ очекуваат многу епидемиолошки предизвици наесен.
– Не можеме со сигурност да предвидиме каква ќе биде ситуацијата со вирусот на грип оваа година, но очекуваме, бидејќи се покажа дека е правило, дека кога ќе претходи благата сезона, како и минатата година, ќе биде проследено со посилен напад на грип – изјави д-р Стевановиќ.
Според него, она од што најмногу се плашат инфектолозите, а тоа се покажа на почетокот на пандемијата, на пример, во Италија, е најлошата можна варијанта на истовремена инфекција кај еден пациент и со ковид и со грип, без да се вакцинираат против која било болест.
Според д-р Горан Вукомановиќ, педијатар на Детската клиника во Србија, минатата година немале вистинска епидемија на грип од повеќе причини, но една од нив е дека се вакцинирани голем број луѓе кај нас и во светот.
– Вакцинацијата против грип е најдобриот начин за превенција за деца со оштетен имунитет, и покрај тоа, важна е вакцинацијата против ковид на деца постари од 12 години. Вакцините се целосно безбедни, а бебињата на возраст од шест месеци, исто така, би можеле да ја добијат онаа против грип, но тоа не е практика, бидејќи обично нема толку многу вакцини за грип. Компликации од грип може да се појават и кај целосно здрави деца – заклучува тој.

[email protected]