Сенатот во Шпанија без ниту еден глас против го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, со што е остварена и последната ратификација на Протоколот.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на заедничката прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор, Емилио Лоренцо Сера изрази благодарност до Шпанија што ова прашање беше ставено на дневен ред во околности кога Европа и Шпанија се соочува со пандемијата на коронавирус.

– Шпанија сега ќе го депонира инструментот на ратификација во Стејт департментот, Вашингтон ќе ја испрати информацијата до НАТО во Брисел и ние и официјално ќе бидеме поканети да го депонираме нашиот инструмент, односно законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој беше усвоен во Собранието – рече Димитров.

Амбасадорот Сера, нагласи дека Сенатот направил нешто што е целосно ново, бидејќи за првпат во историјата се гласало електронски, од далечина.