Професорот по Уставно право Светомир Шкариќ на дебатата за двата закона за измена на изборниот законик и изборни листи порача дека со поддршка од 65 пратеници не постои пречка овие закони да бидат донесени на легален и легитимен начин.
– Не гледам пречка и кој може да ве запре да ги донесете овие измени доколку имате поддршка од 65 пратеници. За легален, донесен закон се смета со 61 глас, а вие имате повеќе од доволно. Единствен проблем на којшто ќе наидете е веројатноста претседателот на Собранието да не го потпише законот, но, за среќа, тука е претседателот на државата кој со указ ќе го потпише и тој ќе стане полноважечки. Законот нема да може да биде оспрен ниту пред Уставниот суд бидејќи има 61 глас, во случајот 65, и со тоа е обезбедена целосна уставност – рече Шкариќ обраќајќи се пред пратениците иницијатори на овие закони.

Воедно на иницијаторите им порача дека треба да размислат и за промена на изборниот модел, при што како најдобар го предложи Харовиот модел.

– Харовиот модел предвидува отворени и подвижни листи. Сега ние имаме мртви, партиски листи. На тој начин во иднина ќе се подигне стручното ниво на пратениците, така што нема да имаме само еден независен стручен пратеник, туку ќе се отвори простор за многу повеќе – рече Шкариќ.