Во текот на целиот период, откако на политичката сцена доминира темата на македонско-бугарските односи, забележливо е дека официјална Софија прави сѐ за создавање што поширок општествен зафат за негирање на македонизмот. Формите се различни и се движат од пишување меморандуми до ЕУ, преку декларации на бугарското собрание, до преименување на празникот на сесловенската писменост во бугарски… Во Македонија впечаток е како сите ние целиот процес да ѝ го препуштаме како „ексклузивна политичка задача“ на власта, иако се засегнати сите пори на општественото живеење, како јазикот, историјата, народот, националниот идентитет…

Чувството на загрозеност го засилува чувството од потреба за
општествена мобилизација

Стратегијата на „апелирање на добрососедство и пријателство“ што ја применува македонската страна се чини дека има сѐ помалку ефект и уверливост пред сѐ посилниот и порадикален бугарски притисок. Интензитетот, динамиката и континуитетот на бугарските познати уцени и провокации (контра евроинтеграциите на Македонија) се зголемуваат.
Ултимативната кампања на Бугарија, која влезе во климакс со испраќањето на објаснувачкиот меморандум, чија цел беше земјите-членки на ЕУ апсолутно да го земат предвид, станува значајно поагресивна пред утврдувањето на преговарачката рамка за Македонија.
И додека бугарската официјална политика и наука не отстапуваат од своите позиции да ѝ ја наметнат на Македонија „заедничката историја до 1945 година“, македонскиот јазик да го сведат на бугарски дијалект и да изнудат бугарски етнички идентитет на македонските револуционери и други историски дејци (започнувајќи од Гоце Делчев), македонската официјална политика и научните институции како да се повеќе насочени кон пренебрегнување и повеќе презирање на отворените провокации што ги упатуваат политичарите од источната соседна земја.

Кога бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, арогантно изјави дека ќе испрати инженерски полк на бугарската армија на територијата на Македонија, за да ги урне спомениците што не ѝ одговараат на бугарската историографија, македонската министерка за одбрана тоа го релативизира како „несериозно“, повторно повикувајќи се на добрососедството.
– Помина времето кога министри за одбрана од регионот можеа да даваат такви изјави, а некој да ги смета за сериозни. Бугарија е членка на НАТО, а и ние сме, и ова не е начин на функционирање на членки на Алијансата. Очекуваме Бугарија повторно да нѐ поддржи, како што нѐ поддржа во независноста, и во членството во ЕУ. Само со добрососедски односи можеме да напредуваме. Комуникацијата меѓу сојузниците не треба да застане – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во врска со „најавата“ на Красимир Каракачанов дека ќе испрати бугарски полк да ги отстрани спомениците на кои Бугарија се нарекува фашистички окупатор.
Во текот на целиот период, откако на политичката сцена доминира темата на македонско-бугарските односи, забележливо е дека официјална Софија работи на создавање еден што поширок општествен зафат за негирање на македонизмот, преку пишување меморандуми до ЕУ, декларации на бугарското собрание, преименување на празникот на сесловенската писменост во бугарски, додека во Македонија како да се настојува целиот процес да остане „ексклузивна политичка задача“ на актуелната власт, иако се засегнати најсуштествените национални прашања, како јазикот, историјата, националниот идентитет.

Научните институции (МАНУ, Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик) како да апстинираат од целиот процес, а суштинските национални прашања да се ставени на политичка ветрометина во заедничката историско-образовна комисија, формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, потпишан во 2017 година. Притисокот е уште позасилен со размислувањето што е сѐ поприсутно во јавноста, а имено дека „судбината на македонскиот национален идентитет е ставена во рацете на пет-шестмина историчари“. Додека македонската политика (па дури и наука) се потпира на договореното добрососедство и пријателство, членовите на бугарскиот дел од комисијата изјавуваат дека ако Македонија влезе во ЕУ, таа ќе ѝ биде најголем непријател на Бугарија.
– Како граѓанин, можам да кажам дека ако влезе оваа Република Македонија, со оваа свирепа антибугарска политика, не можам дури ни да си замислам што нè очекува од неа во Европската Унија. А како член на комисијата, јас не давам препорака, туку давам експертиза – изјавил за бугарските медиуми Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од мешаната историско-образовна комисија.
Во меѓувреме, Бугарија го засилува притисокот врз ЕУ, па официјална Софија преку својата дипломатска мисија во Брисел испратила ново циркуларно писмо до владите на земји-членки на Унијата и до телата на ЕУ што работат на подготовка на т.н. меѓувладина конференција, која треба да се случи во декември.

Во документот Бугарија објаснува дека властите во Скопје не сториле доволно за да ги подобрат меѓусоседските односи и дека македонската држава не спречува говор на омраза кон соседот од кого очекува поддршка за влез во ЕУ. Еден од најголемите проблеми, според официјална Софија, е „образовниот и медиумски хаос во Македонија“, со кој наводно се поттикнуваат антибугарско расположение и систематското негирање на историските факти со „кражбата на историјата од страна на Македонија, што е спонзорирано од страна на властите во Скопје“!?
Во Скопје, пак, барањето лидерска средба од страна на ВМРО-ДПМНЕ, на која би се манифестирал конкретен облик на унисоност по ова прашање пред ЕУ, во однос на бугарските уцени, беше одбиено од премиерот Зоран Заев. Можеби форматот „лидерска средба“ не е најсоодветен и можеби власта има друг мастер-план. Во тој контекст, има индикатори дека власта размислува иницијативата за манифестирање обединетост за суштинските национални прашања да се манифестира од сите релевантни субјекти во Македонија, поддржани од институционално-научните установи, дипломатијата, невладините организации, дијаспората, лобисти пред институциите на ЕУ, што во овој миг би претставувало, според нив, поефикасна форма од нужното преземање т.н. интегрален облик за настап по прашањето за македонската национална иднина и судбина пред Европа и светот.

– Од аспект на фактот дека тоа е преголема одговорност за политички процес во кој се ставени во залог суштинските столбови на македонскиот национален идентитет, изградениот национален консензус од сите политички субјекти, во кој би бил вклучен и поширок круг на компетентни експерти од националните научни институции, претставува олеснувачки фактор во градењето позиција во билатерланите разговори, но и пред ЕУ. Понатаму, тоа значи и споделена одговорност за каков било исход, а дава и поголема транспарентност на процесот. Транспарентноста не остава голем простор за ширење шпекулации, кои би требало да се демантираат или потврдуваат. Сето ова ни е уште попотребно, со оглед на искуството на Преспанскиот договор, кога многу работи се демантираа, па потоа испаднаа вистинити. Отсуството на транспарентност и национален консензус во актуелнава ситуација во односите со Бугарија поврзана со нашите преговори за членство во ЕУ, претставува голема опасност да ни се повторат грешките од Преспанскиот договор – вели професорката Солза Грчева, која е и активен познавач на актуелните политички процеси.


Бугарија сѐ уште не отстапува од намерите за вето

Темата за преговарачката рамка за Македонија, во средата, на 21 октомври, првпат се најде на дневен ред пред амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, откако неколку недели се усогласуваа ставовите на експертско ниво. Очекувано во Македонија, како спорен момент на состанокот се наметнала позицијата на Софија, која преку појаснувачкиот меморандум испратен до членките на ЕУ ги оспорува македонскиот идентитет и јазик. Според известувањата од Брисел, бугарскиот амбасадор ја изложил бугарската позиција за усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, нагласувајќи дека Софија го оспорува краткото име на земјата (Бугарија смета дека земјата треба да се нарекува Република Северна Македонија во официјална комуникација, а не Северна Македонија), како и ословувањето на јазикот како македонски.

Според дипломатите присутни на амбасадорскиот совет во Брисел, ниту една друга земја-членка не ја поддржува позицијата на Софија, бидејќи тоа е надвор од надлежностите на ЕУ и мора да се реши билатерално. Но, потсетуваат дипломатите, правото на вето во Унијата на овие теми е засега неприкосновено и Бугарија, доколку одлучи, може да го блокира усвојувањето на рамката. Се забележува и поинтензивна дипломатска активност од страна на самите земји-членки помеѓу Софија и Скопје, меѓу другото од страна на германската и австриската влада, кои се обидуваат да помогнат во наоѓањето заеднички прифатливо решение.
Амбасадорите на прашањето за преговарачката рамка ќе се навратат повторно наредната недела, со надеж дека ќе има веќе некаков напредок дотогаш помеѓу двете страни, но потсетуваат дека одредени земји-членки на ЕУ имаат забелешки на други теми поврзани за реформата на методологијата на преговарачкиот процес.