Скандирањата на воената парада во Солун против Договорот од Преспа не е во духот на пријателство и создавањето добрососедски односи, оцени вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шеќеринска, одговарајќи на новинарско прашање по денешната промоција на новите професионални војници во скопската касарна „Илинден“.

– Ова што се случи во Грција не е во духот на пријателство, и не е во духот на создавање на такви добрососедски односи. Тоа покажува дека таквите сили кои се противат на регионалното помирување, на изнаоѓање решенија, на барањето такви добрососедски договори, ќе продолжат и понатаму да го тестираат Балканот. Ова покажува дека Договорот во Преспа е вистински начин да ги решаваме вистинските проблеми на граѓаните, а тоа е со разговор, со политика, со наоѓање решенија кои ќе им го понудат тоа што им треба, подобрар живот, поголема стабилност, подобра економија – изјави Шеќеринска.

Токму поради тоа, потенцира, сметаме дека политичките пораки на овој нов дух што се испраќа треба да бидат уште погласни.

– Стана јасно и во Грција дека грчката Влада, како и нашата влада се навистина посветени на тоа да успее договорот. Се разбира дека како и во Македонија, Владата не е единствениот политички фактор и тоа беше видливо и на оваа парада – рече министерката за одбрана.

Таа посочи дека од моментот кога е потпишан договорот, и во Грција и во Македонија постојат групи на луѓе, поединци, организирани групи кои се противат на новиот дух што, подвлече, сакаме да го наметнеме во регионот.

– Тој нов дух се потпира на принципи од типот добрососедство, создавање пријателства во нашето соседство, со нашите непосредни соседи, но и со целиот регион и тој нов дух ги загрозува сите оние политички и не само политички сили кои сакаат Балканот да го гледаат како точка на конфликти, точка на кризи, на страдање. Тоа е видливо и во Република Грција и во текот на ова лето протестите кои беа понекогаш организирани од опозицијата, но делумно организирани и од мали политички групи, покажаа дека не им е далечно дури и насилството – изјави министерката Шеќеринска.