Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, утре ќе престојува во официјална посета на земјава, пришто ќе оствари средба со неговиот домаќин шефот на дипломатијата Никола Димитров.

На средбата е предвидено да стане збор за билатералните односи, политичката и економска соработка, како и за европската перспектива на нашата земја и регионот. Предвидено е да се разгледаат и можностите за унапредување на политичкиот дијалог меѓу двете земји, преку имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор.

Во рамки на официјалната посета на земјава, грчкиот министер за надворешни работи ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.