Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Брисел се сретна со Андреас Шидер, копретседавач на Заедничкиот парламентарен комитет на Северна Македонија и ЕУ.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, на средбата Шекеринска ги истакнала приоритетите на нашата земја во следниот период поврзани со односите со Унијата и ставот кон новата методологија за преговори и проширување што ја препорачуваат некои од земјите-членки.

– Владата останува посветена на реформскиот процес кој ги опфаќа владеењето на правото, судскиот систем, унапредувањето на демократијата – рекла Шекеринска.

Министерката додала дека по успехот со НАТО граѓаните на нашата земја ја продолжуваат поддршката за членство во ЕУ.

– Уверени сме дека отворањето на преговорите со Унијата ќе биде силно охрабрување за земјата и за регионот и ќе придонесе кон негово натамошно стабилизирање. Ќе прифатиме секакви фер услови кои ќе произлезат од договорите за идната методологија, но очекуваме нашите напори да бидат вреднувани – истакнала министерката.

Шидер рекол дека напредокот на Македонија е евидентен и дека земјата заслужува позитивен став и доследност од страна на Унијата.

Тој најавил дека Заедничкиот парламентарен комитет ќе ја интензивира својата работа и веќе идната седмица ќе се состане во Стразбур. Шидер ја истакнал поддршката од Заедничкиот парламентарен комитет и рекол дека односите ќе продолжат во истиот дух на разбирање и соработка.