Средбата со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис е извонредна шанса да покажеме колку членството во НАТО е важно за Република Македонија, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која се наоѓа во неколкудневна официјална посета на САД.

Таа на 1 мај треба да оствари средба со Матис, прва официјална билатерална средба со секретар за одбрана на САД по повеќе години.

На средбата, како што информираат од Министерството за одбрана, ќе биде потврдено стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и САД. Средбата се реализира во пресрет на самитот на НАТО во јули во Брисел.

Во рамките на посетата, министерката ќе се сретне и со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Лора Купер, како и со високи претставници во Стејт Департментот и Пентагон, а ќе има средби и во Сенатот и Конгресот на САД.

Шекеринска во Вермонт ќе се сретне со гувернерот на оваа сојузна држава и со командантот на Националната гарда на Вермонт.

Во Вашингтон, министерката ќе учествува на тркалезната маса организирана од Атлантскиот совет на САД, на тема: „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“.

Шекеринска ќе учествува и на тркалезна маса на Националниот демократски институт, на тема „Демократската обнова на Македонија – Дали успева?“, а ќе има средба и со иселениците од Македонија.