По постигнувањето на договорот со Грција, министерката за одбрана Радмила Шекеринска испрати писмо до министрите за одбрана на 29-те земји членки на НАТО, во кое од нив бара поддршка за Македонија на Самитот на Алијансата во јули да добие покана за членство во НАТО.

Како што соопшти Министерството за одбрана, со дел од нив Шекеринска имала и телефонски разговори во кои и биле пренесени честитки за постигнатиот договор и изразена поддршка за членството на Македонија во НАТО.

Во писмото до своите колеги во Алијансата, Шекеринска наведува:

„Ви пишувам по постигнувањето на историскиот договор околу спорот за името со Грција. Оваа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета. Ја барам вашата поддршка за Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит. Беше потребна храброст, лидерство и дипломатија за да се постигне оваа цел – од двете страни. Нашиот народ е обединет и недвосмислен во желбата да станеме дел од НАТО и ЕУ, со доследна поддршка од повеќе од 75 отсто од нашите граѓани“. 

Шекеринска им пишува дека со приемот на Македонија во НАТО ќе се консолидира демократијата во регионот, ќе се зајакне стабилноста и безбедноста во регионот и ќе биде поставен позитивен пример за Западниот Балкан.

Министерката потсетува дека Македонија направи крупен исчекор во согласност со препораките од Самитот на НАТО во Варшава во подобрувањето на добрососедските и меѓуетничките односи, во владеењето на правото, слободата на медиумите, кредибилните избори и независноста на судството.

– Работата на тие реформи ќе продолжи, наведува Шекеринска. Како пример за унапредување на добрососедските односи министерката го посочува надминувањето на разликите и партнерството со Бугарија и додава: „Тој пристап беше повторен во решението на спорот со Грција, и убедени сме дека нашето партнерство со Атина следните години ќе се продлабочува“.

Како дополнителни аргументи за подготвеноста за членство во НАТО, во писмото Шекеринска ги навела зголемениот буџет за одбраната и одлуката за негово понатамошно зголемување до 2 процента од БДП до 2024 година, завршувањето на Стратегискиот одбранбен преглед според НАТО стандардите, учеството на нашите војници во НАТО мисиите.

– Сега ни е потребна вашата поддршка повеќе од секогаш. Во согласност со одлуката на Самитот во Букурешт во 2008, сега откако е постигнато заеднички прифатливо решение на спорот за името, очекуваме покана за членство во НАТО, пишува Шекеринска.

Министерката за одбрана телефонски разговарала со министерката за одбрана на Германија, Урсула Вон Дер Лејен, со италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента, и со романскиот колега, Михаи Виорел Фифор кои, како што соопшти Министерството за одбрана, и ја пренеле поддршката за покана за Македонија на јулскиот Самит во Брисел, за членство во НАТО.

Претходно, на почетокот на неделата, министерката имаше телефонски разговори со министрите за одбрана на Словенија, на Хрватска, на Бугарија и на Црна Гора кои и ја пренесоа истата порака.