Само пред една година влезот на мојата земја во НАТО беше незамислив и за многумина дури и невозможен. Но, сепак се случи. Меѓународната заедница ја препозна одговорноста и храброста на владите на двете земји и им даде силна поддршка. Со влезот на Република Северна Македонија во НАТО е разрешено едно од најважните безбедносни прашања во регионот со што значително се засилува безбедноста во овој дел на Европа, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот панел „На вратата на НАТО: Осврт на актуелните предизвици во проширувањето“ што се одржа во рамки на Минхенската безбедносна конференција.

Шекеринска истакна и дека со влезот на нашата земја во НАТО значително се засилува безбедноста на овој дел од Европа.

Двете влади, според неа, покажаа дека разликите меѓу државите најдобро се решаваат низ политички дијалог и договор.

Членството во НАТО, оцени Шекеринска, ја става Северна Македонија на мапата на сигурни и безбедни бизнис дестинации и отвора нови можности за домашната економија. – Очекуваме оваа и следната година НАТО интеграцијата да има позитивно влијание врз економскиот раст на нашата земја, нагласи министерката.

Таа вечерва ќе присуствува на свечената церемонија на доделување на наградата „Евалд фон Клајст“ на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас што ќе се одржи на гала вечера чиј домаќин ќе биде премиерот на Баварија.

Министерката Шекеринска имаше и повеќе билатерални средби со министрите за одбрана на Италија, Германија, Финска и Холандија. На средбите беше поздравен влезот на нашата земја во Алијансата и беше потврдена соработката на планот на одбраната и безбедноста. Шекеринска се сретна и со еврокомесарот Јоханес Хан кој упати честитки за учеството на министерката на состанокот на министри за одбрана кое беше прва шанса да седнеме на иста маса со НАТО сојузниците.


Силна поддршка за перспективите на Македонија 

На конференцијата за безбедност во Минхен, премиерот Зоран Заев и владината делегација на билатералните средби добија силна поддршка и отворени преспективи за Македонија, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев, кој е придружен од вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров, претпладнето имаа средба со американскиот сенатор Џејмс Риш, кој воедно е и претседавач со Комитетот за надворешни работи во Сенатот на Соединетите Американски Држави.

– Сенаторот Риш на средбата на премиерот Заев и на членовите на делегацијата на нашата земја им ги пренесе честитките во негово име, во име на Комитетот за надворешни работи во Сенатот на Соединетите Американски Држави, и во име на американскиот народ за успешно завршениот процес за решавање на спорот со Грција, кој беше предуслов и историски исчекор за отворање на процесот на ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, како стратешка аспирација на Република Северна Македонија – наведува прес-службата.

Заев на средбата ја истакна определбата на нашата земја за негување и зацврстување на стратешкото пријателство со САД, сега и наскоро како две рамноправни членки на НАТО.

– На средбата беше потврдено дека Република Северна Македонија останува посветена на својот постојан придонес за безбедноста во регионот како едно од клучните прашања за развојот на земјата и на сите земји членки на Западен Балкан – се наведува во соопштението.

На Минхенската конференција за безбедност премиерот оствари средба и со Алан Данкан, министер за Европа во Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На средбата, како што соопштува владината прес-служба, беше нагласено дека Велика Британија останува и понатаму искрен пријател и поддржувач на политиките на Република Северна Македонија, која беше потврдена и со посетата на премиерката Тереза Меј на нашата земја во клучен период на успешното затворање на преговорите со Грција и на преговорите за нашето членство во НАТО и ЕУ.

– Министерот Данкан изрази целосна поддршка во однос на процесот на ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО и изрази уверување дека неговата земја ќе го потпише пристапниот документ за нашата земја многу наскоро, стои во соопштението.

Премиерот Заев на маргините на активностите на Минхенската конференција за безбедност се сретна и со претставници на угледната меѓународна консултантска компанија „Ернст и Јанг,“ која повеќе години е присутна во нашата земја и која, како што наведува прес-службата, „новите позитивни промени во Република Северна Македонија ги гледа како потенцијал за соработки и за проширување на своето портфолио во земјата“. 

Заев и членовите на делегацијата се сретнаа и со претседателот на Владата на Косово, Рамуш Харадинај. На разговорот меѓу членовите на делегацијата на Македонија, предводена од премиерот Заев, и делегацијата на Косово, предводена од премиерот Харадинај, потврдена е и натамошната заемна поддршка меѓу двете земји и за европските аспирации како стартешки интерес за граѓаните на двете земји.