Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска учествуваше на Бриселскиот форум на Германскиот Маршалов Фонд, каде на панелот посветен на иновациите и новиот пристап кон безбедноста говореше за НАТО, домашните реформи и процесите на демократизација на општеството, но и новиот пристап и начин на размислување на лидерите.

– Новиот, поинаков начин на политичко размислување и однесување го смени курсот кој го имаше мојата земја. Кога бевме избрани како нова Влада, пред две години, бевме убедени дека сакаме да ја промениме состојбата на статус – кво и дека ќе воведеме еден нов тип на однесување кон нашите соседи. Ги зголемивме стандардите во однос на нашата демократија, владеењето на правото, слободата на медиумите, за помалку од една година успеавме да имаме пробив во односите со Бугарија и го решивме, „замрзнатиот“ проблем на Балканот, проблемот со името со Грција. А, се покажа дека кога ја рушите таа состојба на статус – кво, светот тоа го препознава – рече министерката.

Министерката истакна дека добрите политички односи даваат сигнал и за соработката во сите останати полиња, како одбраната и безбедноста, споменувајќи го зголемувањето на воената соработка со Бугарија и Грција.

За иднината на регионот, министерката рече дека нашата желба и надеж е дека овој нов пристап на решавање на проблеми ќе има поголем и поширок ефект. Ние веруваме, рече Шекеринска, дека пристапот кој го имавме во односите со нашите соседи и кон интерните поделби може да биде модел кој можат да го користат нашите соседи и наместо нестабилност, регионот може да извезува стабилност.

– Луѓето следат лидери кои се доволно храбри да го замислуваат незамисливото и тоа треба да биде инспирација за целиот регион – заклучи министерката Шекеринска на Бриселскиот форум.

Заедно со министерката Шекеринска на панелот говореа и Андреа Томпсон, потсекретар за контрола на вооружувањето и меѓународната безбедност во американскиот Стејт Департмент и Логан Џоунс, потпретседател во компанијата Боинг.

Бриселскиот форум е престижен годишен форум на кој највлијателните северноамерикански и европски политички, корпоративни и академиски лидери разговараат за современите предизвици на двете страни на Атлантикот. На овој форум годинава учествуваа највисоките и најпроминентни државници, функционери и воени претставници како Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, Федерика Могерини, висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Флоренсе Парли, министерка за одбрана на Франција, Артис Пабрикс, министер за одбрана на Латвија, потоа министрите за надворешни работи на Полска и Словачка, Јацек Цапутовиц и Мирослав Лајчак како и генералот Тод Волтерс командант на сојузничката воздухопловна команда во „Шејп“ (НАТО) и пензионираниот американски генерал Џон Ален, поранешен прв човек на Маринскиот корпус на САД и командант на мисијата ИСАФ во Авганистан.